Скопје, 3 септември 2014 (МИА) Граѓаните имаат голем интерес за отпис на долговите. Заклучно со денешниот ден до центрите за социјални работи се доставени 17.600 барања од граѓаните од социјално ранливите категории. Бараат отпис на долгови кон банките, за струја, парно и радиодифузна такса.

– Значи, имаме висок степен на интерес на граѓаните за овој проект и очекуваме до 12 октомври, до кога што трае пријавувањето, да имаме значителен број граѓани кои дополнително ќе достават барања.

Тоа значи дека ќе се исполнат очекувањата за масовен одзив на граѓаните кои спаѓаат во соодветните категории, рече денес вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на потпишувањето на договорите со доверителите кои се вклучија во мерката за отпис на долговите.

Тој потенцира дека станува збор за една масовна акција во која, освен Владата, се вклучија сите банки, ЕВН Македонија, Топлификација, МРТ, ЕЛЕМ, како и Комората на извршители и Комората на нотари, обезбедувајќи учество на сите релевантни субјекти за овој проект да биде успешен и да се реализира како што е планирано.

– Со потпишувањето на овие договори сите субјекти покажаа висок степен на општествена одговорност. Со оваа активност ќе им помогнеме на најранливите категории граѓани и од тој аспект сметам дека треба да им искажеме благодарност, но и да потенцираме дека со ова ќе овозможиме и понатаму да им се помогне на граѓаните во поглед на новите сметки за парно, струја и кон банките да можат со помал напор и поредовно да ги сервисираат и да ги вршат плаќањата, истакна Ставрески.

Ги повика сите граѓани кои се опфатени со законот да се пријават во центрите за социјална работа и да поднесат барање за отпис на долговите.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека најголем број барања, 2.700, се поднесени во Куманово, потоа следува Тетово со 1.700, Прилеп со 1.300, Гази Баба и Чаир со над 1.000…. Дневно, како што рече, се поднесуваат од 1.500 до 2.500 барања за отпис на долговите во центрите за социјална работа.

Маја Штериева, претставник од Здружението за банкарство, досегашната соработка ја оцени како успешна и истакна дека банките немаат податоци колкава сума ќе треба да отпишат, но оти се проценува дека не станува збор за износ кој ќе ги наруши билансите на банките.

Игор Гиевски, претседател на УО на ЕВН Македонија, оцени дека со проектот кој помага на најранливите категории на некој начин ќе придонесат граѓаните да ги расчистат обврските и полесно да можат да ја планираат својата потрошувачка.

Според Дејан Бошкоски, генерален директор на ЕЛЕМ, со овој проект ќе се помогне и ќе се заштитат граѓаните, но и на ЕЛЕМ за да ги исчисти билансите.

Зоран Петрески од Комората на извршители го оцени како благороден проект. Со оваа мерка се опфатени приматели на социјална помош, невработени лица подолго од 12 месеци кои воедно активно бараат работа и лица кои доколку поради смрт или тешка болест во семејството не можеле да ги отплаќаат своите обврски. Се отпишуваат долгови направени заклучно со 31 декември 2013 година, а првите решенија се очекуваат во втората половина од октомври.  

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window