Скопје, 26 ноември 2013 (МИА) – Македонската економија е витална и остварува добри резултати и покрај општите состојби во европската економија, оцени холандскиот министер за финансии Жерон Дајселблум, кој денеска во Хаг се сретна со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

 

Тој позитивно го оцени постигнатиот економски раст на Македонија во услови на европска должничка криза, како и задржувањето на ниското ниво на задолженост, кога државниот долг кај речиси сите земји во регионот и Европа расте.

 

Како што соопшти Министерството за финансии, тема која се покрена на средбата беше и бизнис климата во Македонија, каде холандскиот министер за финансии изрази особен интерес за реформите кои се спроведуваат, како и огромниот скок на Македонија на ранг листата на Дуинг бизнис на високото 25 место и константното вбројување на земјава во топ реформатори во светот шест години по ред.

 

Дајселблум истакна дека очекува позитивни движења во европската економија во наредниот период, што секако ќе има влијание врз македонската економија и на нејзиниот раст.

 

На средбата вицепремиерот Ставрески договори билатерална соработка на македонското со холандското министерство за финансии, пред се во размена на искуства и стручна поддршка во областа на буџетот и јавниот долг.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window