Охрид, 3 април 2015 (МИА) – Инфраструктурни проекти во вредност од околу два милионa евра ќе се реализираат во Охрид. Почетокот на реализацијата на проектите, за кои Владата обезбеди средства преку Светска банка, го означија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески. 

Обраќајќи се пред присутните на означувањето на почетокот на реконструкцијата на улицата „Питу Гули“, Ставрески рече дека станува збор за први сериозни инвестиции во Охрид по повеќе од две децении.

– Станува збор за инвестиции во инфраструктурата, нешто што во голем дел ќе помогне во подобрување на животот на граѓаните. Инвестициите во инфраструктурата и во отворањето работни места се двата основни начина за подобрување на животот на граѓаните, истакна тој.

Министерот Ставрески нагласи дека станува збор за средства од 128 милиони денари, наменети за изградба на околу пет километри локални и регионални патишта, изградба и реконструкција на шест улици во градот и два кружни тека за регулирање на сообраќајот на главната сообраќајна артерија – булеварот „Туристичка“.

– Со овие средства истовремено ќе се реконструираат и улици на кои не е интервенирано повеќе од 40 години… На тие улици ќе се смени асфалтот, ќе се уредат тротоарите, ќе се обнови атмосферската канализација. Со проектот се предвидени и средства за реконструкција на локалниот пат до село Елшани, како и патот што минува низ селото Лескоец, рече Ставрески.

Меѓу другото, во тек е и постапката за набавка на пет специјални комунални возила наменети за подобрување на чистотата на градот.

– Сакам да истакнам дека овие капитални инвестиции не се единствените што се реализираат во градот. Очекувам за една година да се комплетираат проектната документација и студиите за заштита на животната средина за изградба на патот до Пештани, како и инвестиции во изградба на болницата „Свети Еразмо“, универзитетскиот комплекс и други, насочени кон подобрување на ликот на Охрид, рече Ставрески.

Притоа тој најави и подобри времиња за Охрид, кога станува збор за намалувањето на невработеноста.

– Веќе се вработени првите 50 лица во германската фабрика „ОДВ Електрик“, којашто во јули ќе почне со изградба на фабрика во ТИРЗ „Охрид – Струга“ и до крајот на првиот квартал од 2016 година очекуваме таа да е завршена, додаде заменик-премиерот, појаснувајќи дека истовремено се работи на реконструкција на хала во градот за компанијата „Костал“, во која ќе почне производство, што ќе значи отвoрање нови работни места.

Сето тоа е значајно бидејќи, како што рече, се отвори нов инвестициски циклус што означи крај на долгогодишниот тренд на затворање погони во Охрид.

– Дојде време да зборуваме за инвестиции и нови фабрики. Посакувам градоначалникот и неговиот тим да продолжат со успешна работа и го предизвикувам ветувајќи му уште еден милион евра инвестиција за нови проекти во Охрид доколку успее да го реализира проектот онака како што е предвидено, истакна Ставрески.

Градоначалникот Бакрачески, кој претходно денес даде отчет пред граѓаните за сработеното во првите две години од актуелната гарнитура на локалната самоуправа, истакна дека вториот дел од неговиот мандат ќе го отпочне со реализација на претходно најавуваните и подготвуваните проекти.

– Изминатиот период напорно работевме за да дојдеме до реализација на овој проект… На ова му претходеше долготраен процес на исполнување на критериумите на Светска банка, а со согласност на Министерството за финансии, при што целокупната техничка документација ја изготвија кадрите и стручните служби на општина Охрид, истакна Бакрачески.

Comments are closed.

Close Search Window