Скопје, 30 мај 2015 (МИА) – Министерството за финансии издаде согласност за трансформација на договорниот работен однос во редовен на 2.667 лица кои работат во институциите на државата. Мерката напредува солидно, вели ресорниот министер Ставрески, кој очекува, по докомплетирањето на документацијата, редовно вработување да добијат околу 3.500 луѓе.

– Најголем број од нив има во здравството, околу 1.360 лица, потоа во социјалната заштита и детските градинки каде што работниот однос им се трансформираше на околу 500 лица. Во образованието имаме 277 лица. По градови, во Скопје имаме околу 1.600, но значителен број има и во внатрешноста. На пример, во Битола 194 лица, Прилеп 117, Охрид и Тетово по 100, а има и во сите други градови, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески за ТВ Сител.

Со мерката редовно вработување се опфатени и лица кои во меѓувреме стекнале и над десетгодишно искуство во работењето за државата, а, како што вели вицепремиерот, сега добиваат поголема социјална сигурност.

– Самите лица кои долги години беа во работен однос со определено време, со договор или волонтираа во институциите, а извршуваа значајни работи за тие институции, сега стекнуваат редовен работен однос, што значи поголема сигурност, стабилност за нив и нивните семејства, а со тоа и поголема мотивираност да работат, вели Ставрески.

Од друга страна, додава тој, со трансформацијата на работниот однос бенефит за државата е што добива искусен кадар, со што ќе го подигне квалитетот на работа на институциите.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window