Скопје, 23 септември 2015 (МИА) – Буџетот е во добра кондиција и има одлични остварувања во првите осум месец од годината. Приходите, заклучно со 18 септември 2015 година, се над очекувањата со раст од 12,9 проценти во однос на истиот период лани.

Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на собраниската седница посветена на пратенички прашања.

Додаде дека заклучно со 18 септември вкупните приходи се реализирани со 112,823 милијарди денари, што претставува зголемување за 12,901 милијарда денари во однос на овој период лани. Даноците се остварени со 64,424 милијарди денари каде има зголемување од 14,3 проценти во однос на истиот период лани. Ова според Ставрески, покажува дека Буџетот е во одлична кондиција и дека ликвидноста на Буџетот е исклучително добра, што овозможува да се врши редовна исплата на сите потреби од буџетот.

Неданочните приходи, како што рече, се за 15,9 проценти зголемени, додека капиталните приходи имаат раст од 30,6 проценти, односно 449 милиони денари повеќе од истиот период лани.

Најдобро остварување има данокот на добивка каде има 5,900 милиони приходи повеќе во однос на 2014 година, а кај акцизите има за 18 проценти повеќе приходи што се должи на партнерството на „Филип Морис“ со Тутунски комбинат – Прилеп. Кај ДДВ има пониски приходи за 0,8 проценти но, како што вели министерот Ставрески, во јули и август има подобрување на состојбата со остварувањето на ДДВ, по стабилизирањето на состојбата во земјата.

За расходната страна посочи дека предвиденото е реализирано и оти расходите се повисоки за 5,9 проценти, што е во рамки на планираното. Ставрески смета дека ова создава добра основа да се остане во рамки на планираното и на расходната и на приходната страна, а буџетскиот дефицит во рамки на планираните 3,6 проценти од БДП.

Дефицитот, како што рече, заклучно со 18 септември е за 28,4 проценти  понизок отколку во истиот период во 2014 година.

Очекува годината да се заврши со економски раст над 3 или приближно 3,5 проценти. – Првата половина од 2015 година беше комплексна од аспект на општите политички услови и во такви услови економијата имаше одлични резултати. Првите три месеци е остварен раст од 3,2 процента, што во тој период беше меѓу петте најдобри остварувања. Вториот квартал кога кулминираше политичката криза македонската економија и натаму продолжи да расте со стапка од 2,6 проценти, рече Ставрески и додаде дека остварениот просечен раст од 2,9 проценти во првите шест месеци покажува дека основните економски политики се добро поставени и дека дури и политичките случувања не ја дестабилизираа економијата, а македонските компании, како и странските, продолжија со производството и извозот и остварија добри резултати.

Тој најави дека наскоро до Собранието ќе биде доставен предлог буџетот за наредната година во кој силно ќе биде изразена развојната компонента, односно дека ќе има значителни средства за капитални инвестиции кои, како што вели министерот, се покажаа како еден од двигателите на растот и развојот на македонската економија.

Истакна дека ќе се води сметка и за социјалната димензија, односно дека сите категории граѓани како што се пензионерите, примателите на социјална помош, земјоделците може и понатаму да очекуваат значајна и силна поддршка во заштита на животниот стандард и поддршка на приходот на домаќинствата кога станува збор за доделување социјална помош, субвенции и раст на пензиите.

Буџетот во среднорочните рамки е предвидено да има пониско ниво на буџетски дефицит, кој постепено до 2017 година треба да се намали под три проценти што ќе овозможи да се одржи стабилно ниво на долг кое, како што рече Ставрески, и сега е на умерено ниво односно со јавен долг од 43,6 проценти и 36 проценти државен долг, со што Македонија е меѓу пониско задолжените земји во Европа.

Comments are closed.

Close Search Window