Индустриската зона во Кратово, еден од крупните инфраструктурни проекти финансиски поддршани од Владата, ќе биде готова до средината на 2015 година, изјави во Кратово вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.Тој вчера по средбите со градоначалникот Мите Андоновски и советниците во Општината најави дека следните две години ќе бидат години на поинтензивни инвестиции во инфраструктурата на кратовската општина.

– Индустриската зона во кругот на фабриката „Иднина-Змеј“ треба да биде готова до средината на следната година. Таму бизнисмените ќе може да инвестираат во нови погони и да отвораат нови работни места. Со градоначалникот и советниците разговаравме за можноста за изградба на паркинг и градски пазар, а и тука ќе обезбедиме финансиска поддршка. Се изготвуваат проектите и очекувам до крајот на следната година да имаме реализација. Исто така, спортската сала во училиштето „Кочо Рацин“ е еден од приоритетите на Владата, очекувам во 2015 година таа да влезе во програмата и да почне реализацијата. Наскоро ќе заврши изградбата на фудбалското игралиште, а секако има и други проекти кои општината ги реализира, така што следните година-две ќе бидат години на поинтензивен економски развој и поинтензивни инвестиции во инфраструктурата на општина Кратово, рече Ставрески.

Градоначалникот Андоновски, покрај веќе завршените проекти во општината, најави отпочнување нови инфраструктурни зафати.

– Оваа година, благодарение на помошта од Владата, асфалтиравме и изградивме неколку локални патни правци во селата Трновац, Туралево, Вакав и Шопско Рударе. Во селото Каврак асфалтиравме 3,2 километри пат за да ја поврземе општината Кратово со општина Пробиштип и браната „Злетовица“. Следната година ќе продолжиме со изградба на нови патни правци, како и други инфраструктурни проекти, за кои обезбедивме финансиска поддршка од Владата. Секако, ќе бараме и други извори на средства, како ИПА фондовите за меѓугранична соработка, донации од амбасади, Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој, со цел пред граѓаните да го реализираме тоа што сме го ветиле, рече Андоновски.

Вицепремиерот Ставрески присуствуваше и на завршетокот на работите на санацијата на свлечиштето во Кратово, Проект за кој Владата одвои 58 милиони денари.

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window