Скопје, 30 октомври 2014 (МИА) – Растот на индустриското производство во септември годинава од 9,1 отсто, според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, е исклучително добар резултат и уште една потврда дека македонската економија добро заздравува и оти ќе може да се оствари планираната стапка на раст од најмалку 3,5 проценти.

– Во денешно време кога во Европа речиси нема раст на индустријата и на економијата, секоја стапка на раст е добра, а 9 проценти во Македонија е исклучително добар резултат и уште една потврда дека македонската економија добро заздравува оваа година, изјави Ставрески на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека растот во индустријата е на широка основа и оти пораст има во речиси сите стопански гранки, и во оние кои работат во индустриските зони, но и надвор од нив.

– Растот на индустријата е столб на економскиот раст и фактот дека девет месеци имаме позитивни стапки, солиден раст и на градежништвото и на услугите и на земјоделството, е потврда дека вака поставените политики ги даваат резултатите и очекуваме тоа да продолжи и во иднина, особено затоа што во Европа работите постепено ќе се стабилизираат, истакна министерот за финансии.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window