Скопје, 21 ноември 2014 (МИА) – Проектот „Купи куќа, купи стан“ постигна значителен ефект во делот на создавањето конкуренција и во делот на спуштањето на каматните стапки за станбените кредити, оцени денес вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Тој потенцира дека сега каматните стапки за станбените кредити се на историски најниското ниво од околу три проценти и оти тоа е добра можност за многу граѓани еднаш засекогаш да го решат станбеното прашање.

– Банките, имајќи предвид дека каматните стапки преку проектот „Купи куќа, купи стан“ се ниски, под четири проценти, извршија намалување на каматните стапки за да можат и од сопствени средства да даваат станбени кредити. Каматната стапка за овие кредити е дојдена на историски најниско ниво. Да се добие станбен кредит со каматна стапка пониска од три проценти е добра шанса граѓаните да го решат станбеното прашање еднаш засекогаш, истакна Ставрески.

Тој додаде дека за него е задоволство што успеале да анимираат голем број граѓани да размислуваат за решавање на станбеното прашање и оти по саемот што беше организиран пред неполн месец, е зголемен бројот на граѓани што аплицираат за проектот „Купи куќа, купи стан“ преку кој директно ќе добијат поддршка од државата до 15 илјади евра.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window