Скопје, 9 февруари 2014 (МИА) – Општина Крива Паланка доби седум нови улици кои се финансирани преку Проектот за подобрување на општинските услуги, кои денес беа официјално пуштени во употреба.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој престојуваше во работна посета на Крива Паланка, истакна дека ова е инвестиција за сите граѓани и дека во Крива Паланка досега има направено многу работи, но оти има и многу приоритети кои треба да се реализираат.

– Општина Крива Паланка има добиено 50 милиони денари преку Програмата за подобрување на општинските услуги, од кои околу 40 милиони денари се наменети за подобрување на транспортната и патната инфраструктура, а 10 милиони се употребени за набавка на нови возила и опрема за јавното претпријатие „Комуналец“, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Додавајќи дека Владата она што го ветува го реализира, истакна дека во оваа општина е реконструиран здравствениот дом, обезбедена е медицинска опрема, изградена e спортска сала, повеќенаменско игралиште, почната е изградбата на индустриска зона која ќе значи заживување на економијата, а најави и дека ќе се реконструира и ургентниот центар во Крива Паланка.

Градоначалникот на општината Арсенчо Алексовски истакна дека во 2013 година реализирал 365 дела од комуналната сфера, инфраструктурната сфера, урбанизмот, животната средина, локалниот економски развој, образованието, науката, спортот, културата…

Денес беа пуштени во употреба крак еден и крак два од улицата „Осоговска“ во населбата Житен склад, а изградени се и пуштени во употреба улиците „Никола Тесла“, „Наско Тамбурков“, „Горан Стојановски“, „Климент Охридски“ и „Пиринска“. Преку Програмата се опфатени вкупно девет улици.

Средствата за овој проект се обезбедени од Светска банка преку Министерството за финансии.

Министерот и градоначалникот го посетија и мостот кај Куков Дол каде интензивно се работи на неговата изградба, а исто така е финансиран преку Програмата за подобрување на општинските услуги.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window