Скопје, 29 април 2015 (МИА) – Македонија постигна значителен напредок во внатрешната финансиска контрола, но претстои период на поконкретна имплементација со цел да го достигне нивото на државите од регионот кои се членки на Европската унија, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната конференција за внатрешна финансиска контрола.На конференцијата, на која беше презентирана Стратегијата за внатрешна финансиска контрола за следниот тригодишен период, вицепремиерот Ставрески нагласи дека во изминатиот период е постигнато многу односно воспоставена е правна и институционална рамка, а зголемен е и бројот на единици за внатрешна ревизија за шест пати, поточно од 24 сега има 150 единици на централно и локално ниво. Околу 70 отсто од институциите на локално и централно ниво основале независни единици за финансиски прашања, согласно со Законот за јавна внатрешна контрола.

– Минатата година во рамки на Министерството за финансии е формирана и финансиската инспекција што е уште еден сегмент во склопот активности за подобро управување со јавните финансии. Верувам дека со ентузијазмот и квалитетот што го имаме во рамките на финансиската инспекција ќе ја оствариме целта, односно Република Македонија да биде пример за добро управување со јавните средства, рече Ставрески.

За да се постигне тоа, според Ставрески, значајни се и надворешната контрола, но и Парламентот соодветно да го следи буџетот и неговата реализација. 

– Следниот период е фаза во којашто задачата што е пред нас не е полесна отколку онаа што беше претходно. Преоѓаме во фаза на поконкретна имплементација на она за што досега потрошивме доста време, да се подготвиме и обучиме и да стекнеме искуства. Не дека и досега тоа не се правеше, но сега веќе треба да се направи посериозен исчекор во таа насока, рече Ставрески, додавајќи дека со заедничка работа на сите инволвирани страни може да се постигне прогрес и Македонија да биде на ниво на успешните држави од регионот.

Тригодишната Стратегија за внатрешна финансиска контрола ја дава рамката во која ќе се движат реформите во следниот период.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window