Лондон, 25 февруари 2014 (МИА) – Макроекономската и политичката стабилност се клучните фактори за странските инвеститори во Република Македонија, порача вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на конференцијата за инвестирање во регионот, што се одржа во Лондон во организација на Европската банка за обнова и развој.

Ставрески, јави известувачот на МИА, укажа на постојаните активности што обезбедуваат сигурност и предвидливост за инвеститорите во Македонија.

– Она што е најважно за инвеститорите е политичката стабилност на земјата. Македонија е земја-кандидат за членство во ЕУ од 2005 година. Во овој контекст постои едно прашање кое не е дел од Копенхашките критериуми ниту дел од економските критериуми, тоа е прашањето за името кое го имаме со нашиот сосед Грција. Но, тоа не нè спречува да работиме на хармонизација на легислативата со правото на ЕУ и со стандардите на земјите-членки на Унијата, што обезбедува сигурност и предвидливост за инвеститорите, наведе Ставрески.

Укажа на значењето на макроекономската стабилност, за која, како што рече, Македонија има одлично досие на одржување и постигнување раст дури и во период на кризата во Европа и во светот. – Во 2013 година имаме раст на БДП од 3,3 проценти, а слично беше и во 2010 и 2011 година. Сите овие години, кога гледавме негативен раст во Европа, Македонија имаше раст од 3 проценти што е многу солидно. Негативен раст имавме само во 2009 и 2012 година што е многу подобро од она што се случуваше во Европа, рече вицепремиерот Ставрески.

Тој оцени дека силниот раст од 5-6 проценти остварен пред кризата во 2007 и 2008 година помогнал да имаат добар старт и да постигнат некои од зацртаните цели на Владата.

– Ние сме веројатно единствената Влада заедно со Владата на Меркел во Европа која од 2006 година останала на власт, што ни овозможи да имаме доволен период за спроведување реформи, за справување со предизвиците од кризата, но и за работа на конкурентноста на земјата, што сметам дека е многу важно, посочи Ставрески.

Според него, одржливите јавни финансии се една од клучните компоненти за макроекономската стабилност.

– Државниот долг изнесува 34 проценти и е четврти најнизок во Европа што генерално се должи на подготвеноста пред кризата и предвременото отплаќање на дел од долгот. Тоа е резултат и на нашата конзервативна политика во однос на позајмувањата од Светска банка и ЕБРД кој ни дава поддршка за потребните инфраструктурни проекти, како и за бизнис окружувањето, но секогаш со внимателност на одржливоста на долгот, рече Ставрески.

Предностите што ги нудат зоните ги претстави директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо, кој посочи дека двете зони во Скопје се рангирани меѓу 50 најдобри.

– Тоа е многу важно, бидејќи нашите зони наликуваат на оние во Азија, со таа разлика што во нашиот случај е дозволено само производство бидејќи ги следиме правилата на ЕУ, наведе Мизо.

По конференцијата во Лондон, на која вчера се обрати премиерот Никола Груевски со колегите од регионот, владиниот економски тим заминува за Германија, каде предностите за инвестирање ќе ги претстави пред бизнис заедницата во Дизелдорф.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window