Скопје, 10 јули 2014 (МИА) – Собранието на Република Македонија денес во рамки на осмата седница ја утврди потребата за носење на измените и дополнувањата на Законот за додадена вредност, со кои се предвидува намалување на стапката на данокот на додадена вредност (ДДВ) од 18 на 5 проценти за бебешките производи, училишниот прибор, сточната храна и адитивите за добиточна храна и жив добиток.

Законот, како што истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, содржи значајна измена во насока на поддршка на стандардот на граѓаните на Република Македонија, посебно на младите семејства кои имаат деца на училишна возраст или бебиња, како и поддршка на земјоделците и сточарите, пред сè како одговор на едно нивно долгогодишно барање.

– Се работи за Закон со кој се предлага намалување на стапката на ДДВ од 18 на 5 проценти за три категории производи. Прво за добиточна храна, адитиви за добиточна храна и жив добиток. Второ за бебешки производи и тоа вклучитлено сите бебешки производи и трето за училишниот прибор што го користат децата, торба, ранец, молив, пенкала, работни тетратки, боички и сè друго што спаѓа во училиштен прибор. Ќе дојде до намалување на трошоците за семејствата и за сточарите со што веруваме дека на најдобар и на најдиректен можен начин се поддржува стандардот на младите семејства, на сите што имаат деца на училишна возраст, а во семејствата со повеќе деца посебно ќе се почувствува со заштеди од неколку илјади денари месечно, рече Ставрески.

Семејствата со принова бенефитите ќе ги почувствуваат при купување креветче, количка и сè друго што користат за бебињата.

– И конечно сточарите, сите оние кои се занимаваат со фармерско производство, како и фирмите што се занимаваат со преработка на млеко и млечни производи и месо ќе можат преку намалувањето на ДДВ на добиточната храна и прометот на жив добиток да го реализираат производството со помали влезни трошоци, истакна вицепремиерот.

Сето тоа, потенцираше тој, е во насока на зајакнување на конкурентноста на македонското земјоделство и на македонските сточари.

– Верувам дека, со оглед на директните придобивки за голем број граѓани од РМ, овој Закон ќе биде поддржан од страна на пратениците, рече тој.

Фискалните импликации што ќе ги предизвика ова законско решение ќе изнесуваат 380 милиони денари на годишно ниво. Измените и дополнувањата ќе стапат во сила за десетина дена кога Законот ќе излезе во Службен весник.

Собранието во попладневната сесија ја утврди потребата за носење на предлозите на Законот за еднократно отпишување на долговите на граѓаните, Законот за супервизија на осигурување, Законот за девизна инспекција, Законот за финансиски друштва и на Законот за регистрирање готовински плаќања.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window