Последните мерки на Владата на Р. Македонија за намалување на ДДВ од 18% на 5% за сточната храна, адитивите за сточна храна како и за живиот добиток ќе дадат голема поддршка на македонското земјоделство.

На денешната средба со претставници на земјоделците и компаниите од секторот сточарство, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески истакна дека придобивките од намалувањето на ДДВ ќе бидат повеќекратни.

Со намалувањето на стапката на ДДВ ќе дојде до намалување на цената на месото и млечните производи во Р. Македонија, што значајно ќе ја зголеми конкурентноста на македонското сточарско производство и на тој начин ќе станеме поконкурентни во европски размери. Ќе овозможи да бидат поконкурентни и самите фирми кои се занимаваат со откуп и преработка на сточната храна, а ќе се намали и сивата економија, истакна Стaврески.

Како што истакна министерот, станува збор за долгогодишно барање на земјоделците кои со право и аргументи биле  упорни и од тие причини оваа мерка била ставена во програмата и усвоена  на првата владина седница. Исто така додаде дека ова воедно претставува континуитет во мерките за поддршка на македонското земјоделство.

– Владата продолжува со реализирање на предвидените мерки во аграрот. И натаму ќе имаме слух за барањата на земјоделците. Остануваме посветени на решавањето на нивните проблеми, но и на воведување новини во секторот, посочи Ставрески.

Ресорниот министер Љупчо Димовски изрази задоволство од исходот на разговорите со земјоделците кои, како што напомена, траеле веќе подолго време.

– Со оваа мерка ќе се интензивира производството на сточна храна од која сме моментно увозно зависни. Но, во следниот краткорочен период сите земјоделски обработливи површини ќе бидат користени за производство на сточна храна што е голема придобивка,освен тоа и секторот за нејзина преработка дополнително ќе се мотивира, а ќе се зголеми и одгледувањето добиток, како и производството на месо и млечни производи, рече Димовски.

Земјоделците ја поздравија владината одлука  зашто со неа, како што истакнаа, е исполнето нивното повеќегодишно барање, но е исправена и неправдата – стимулирање на производството на пченка со 5 отсто, а дестимулирање на производство на јачмен со 18 отсто.

– Владата нè изненади многу пријатно. Ова не е е само политика и предизборно ветување, туку реалност. Очекуваме многу успешна работа како производители. Повеќе од 60 отсто од нашите фармери се мали и не се повратници на ДДВ-то, поради што и производната цена е повисока. Но, сега се надеваме дека нашиот производ ќе биде околу 13 отсто поевтин со што ќе ги зголемиме конкурентноста и продуктивноста, нагласи Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.

Веле Ристовски од земјоделската задруга „Единство“ од Челопек и производител на свежо свинско месо и сточна храна потенцира дека намалувањето на ДДВ сигурно ќе даде резултат.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window