Скопје, 13 февруари 2015 (МИА) – Невработеноста во Република Македонија има позитивен тренд и се намалува. Стапката на невработеност до 2018 година ќе се намали на 22 проценти. Кон тоа ќе придонесат не само мерките што веќе ги презема Владата од 2006 година па наваму, туку и дополнително најновите кои се однесуваат на хонорарците и вработувањето на волонтерите.

Ова го наведува вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во интервју за Сител.

– Во 2006 година стартувавме со невработеност од 38 проценти. Како Влада, со многу мерки – директни, индиректни, со поддршката што ја дававме за стопанството во вид на евтини кредити, со големиот број инфраструктурни проекти во градежништвото и индустријата што овозможија слободни работни места, со слободните економски зони и сите други политики успеавме да ја намалиме таа невработеност од 38 на 28 проценти. Процентите како проценти можеби некому не значат ништо, но тоа се стотици илјади работни места, стотици илјади луѓе нашле работни места, стотици илјади луѓе  примаат плата, стотици илјади семејства опстануваат со таа плата, можат да ги пратат децата на училиште, на факултет, да решат прашања за сопствен дом и слично, вели министерот.

Според него, станува збор за судбини на луѓе и оти Владата успеала во тој процес да помогне на голем број луѓе да најдат работа и тоа е основниот начин како и во иднина ќе се продолжи со борбата против невработеноста. – Значи, со привлекување нови инвестиции, со овозможување добри услови за фирмите и со ваквите мерки со хонорарците или со лицата кои биле волонтери, дополнително ќе се помогне да ја стигнеме целта, а таа е невработеноста да се намали за стапка некаде околу 22 проценти до крајот на нашиот мандат во 2018 година, истакнува министерот за финансии.

За решението за трансформација на работниот однос на досегашните волонтери и лица кои се со договор на дело, министерот посочува дека тоа произлегува од директните средби со граѓаните и е правично кон овие лица.

– Не може некое лице да биде ангажирано седум, осум, девет години со волонтерски договор или договор на дело. Ние тој проблем го наследивме, тој можеби е и повеќе од 10-ина години во некои институции, но сметавме дека треба да созреат условите, да најдеме и финансиски можности за тоа да го направиме и да најдеме модел со кој ќе можеме да го издржиме тоа вработување, бидејќи ќе предизвикува фискални импликации. Затоа ќе се организира 35 отсто веднаш, 35 отсто на крајот на 2015 година со фискални импликации почнувајќи од 2016 и останатиот дел на лицата ќе бидат вработени од септември 2016 година. Меѓутоа, за сите сега има извесност, рече министерот Ставрески и додаде дека сите кои биле волонтери заклучно со 30 ноември 2014 година најмалку три месеци, влегуваат во оваа група на кои ќе им биде решено прашањето на вработување.

Според него, тоа е добро и за институциите затоа што во некои институции во поголем број случаи овие лица беа суштински за извршување на активностите и функциите на тие институции. – Има болничари или сестри кои вршат операција, а се волонтери. Исто така, има негувателки во градинките кои ги чуваат децата со сета одговорност што ја носи работата, а беа на договор на дело или волонтери. Тоа не е во ред. Ние најдовме начин како Влада, смогнавме финансиски сили во овие времиња кога тоа не е така едноставно, за тие лица да обезбедиме постојано вработување, да имаат повисока плата тие што досега биле волонтери, а за сите да има здравствено и пензиско осигурување и сигурност што ја носи редовниот работен однос, рече Ставрески.

Според него, Владата е убедена дека и ова и решението за хонорарците се исправни и затоа и во едното и во другото се останува на основниот курс, а тоа е кај хонорарците, по влезот на Република Македонија во ЕУ, тој праг да биде на ниво на минималната плата.

– Гледајќи ги и околностите дека општото ниво на доход во РМ е сè уште пониско отколку во останатите земји, разговарајќи со голем број лица кои беа засегнати, како Влада должни сме кога има добри аргументи да ги прифатиме и да ги ревидираме решенијата. Ние тоа го направивме со тоа што сега, со ова решение, условите за двете категории се значително подобри, истакна Ставрески.

Појасни дека првата категорија се оние лица кои се вработени и кои сега со повисокиот плафон од 21.300 денари нема воопшто да плаќаат придонеси, а ако хонорарот е над 21.300 денари, да речеме 25.000, ќе плаќаат придонес само на разликата.

Втората група, како што рече, се лицата кои не се вработени, но остваруваат хонорари. И тука границата треба да биде минималната плата затоа што на тој начин се овозможува поголем број лица да имаат социјално, здравствено и пензиско осигурување.

На лицата кои се веќе вработени им се дава повисок лимит бидејќи тие на основната плата веќе плаќаат здравствено и пензиско осигурување.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window