Скопје, 2 мај 2014 (МИА) – Изградбата на трите автопати во земјава, односно од Миладиновци до Штип, од Кичево до Охрид и автопатот на Коридорот 10 ќе имаат повеќекратно влијание врз македонската економија, смета вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Позитивните ефекти ќе бидат повеќекратни и очекувам дека во следните три до четири години ќе имаме повисок пораст на економската активност, но и поголем број вработувања во делот на ангажманот на домашни работници. Веќе имаме 1.500 работни места кои се директно отворени и кои се резултат на почетокот на реализацијата на овие автопатишта и во иднина очекувам илјадници македонски работници да бидат ангажирани на нивната изградба, изјави Ставрески.

Тој додаде дека на макроекономски план тие ќе го подигнат нивото на пораст на БДП за околу 1 отсто годишно, со директен ефект со ангажман на домашни фирми како изведувачи или подизведувачи во делот на градежништвото.

Потенцира дека се ангажирани Гранит и Бетон, но дека како подизведувачи ќе бидат ангажирани помали фирми, во делот на изведување градежни работи, потоа за користење градежни материјали, за снабдување стоки и давање услуги.

Aвтопатот Миладиновци – Штип, чија изградба почна во февруари годинава, ќе биде долг 47 километри, широк 29 метри, со по две коловозни ленти во двата правци и една дополнителна лента за застанување. Инвестицијата изнесува 206 милиони евра, обезбедени од кинеската Ексим банка.

Автопатот Кичево-Охрид треба да биде сo должина од 57 километри, ширина од 25,5 метри, со две автопатски ленти, дополнителна линија за запирање и зелен појас. Вкупната вредност на инвестицијата во согласност со договорите изнесува 372 милиони евра. Двете автопатски делници ги гради кинеската компанија „Сајнохидро корпорејшн лимитед“, која има обврска да ангажира минимум 51 процент македонски работници.

Инвестицијата, пак, за изградбата на автопатската делница Демир Капија – Смоквица на Коридорот 10, во должина од 28 километри, изнесува 210 милиони евра.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window