Скопје, 24 ноември 2015 (МИА) – Со новоиздадената обврзница од 270 милиони евра Република Македонија обезбеди средства за финансирање на сите проекти и потреби во Буџетот и продолжување со стабилните текови и стабилната реализација на Буџетот.
Ова го изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески попладнево, по повод денешното издавањето на македонската еврообврзница во износ од 270 милиони евра.

Според министерот, најзначајно за граѓаните е што оваа година донесе многу  неизвесности, многу нестабилности, многу сериозна политичка криза, и дека единствената светла точка во државата беше и останува да биде економијата која, како што рече, нема да дозволат да има никакви нарушувања.

– Сите граѓани, сите стопанственици, сите оние кои добиваат средства од Буџетот, сите фирми што работат на реализација на проекти треба да знаат дека се обезбедени средства за непречено извршување на обврските на Буџетот и РМ и во 2016 година. Ќе има стабилна економска година и ќе има добра ликвидност на Буџетот, што значи ќе се реализираат сите предвидени проекти вклучително и проектите како што се изградба на патишта, болници, реализација на субвенции, спортски сали, градинки и сè што се финансира од Буџетот, истакна Ставрески и додаде дека сите треба да знаат дека ВМРО-ДПМНЕ и Владата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ сериозно пристапуваат кон изработка на Буџетот и на обезбедувањето средства за негово финансирање.

Порача дека граѓаните треба да бидат спокојни дека додека одлучува ВМРО-ДПМНЕ за буџетската политика и за потребите што треба да се финансираат од Буџетот, ќе има доволно средства за сите проекти што се предвидени во 2016 година, за кога, како што рече, имаме рекордно високо ниво на инвестиции, висок износ на субвенции, висок износ на средства за рурален развој, за училишта, болници и сè друго.

Појасни дека како сериозна влада мора да ги враќаат и обврските што ги направила претходната влада, односно владата што во 2005 година издала 10-годишна еврообврзница, која доспева на 8 декември, во износ од 150 милиони евра. – Ние мора да ја вратиме таа обврзница и РМ мора сериозно да се однесува кон обврските независно дали ги направила влада на СДСМ или влада на ВМРО-ДПМНЕ. Таа обврзница беше планирана и претходно и најголем дел од средствата се обезбедени со претходната обврзница што се емитуваше во 2014 година, а еден помал дел ќе биде дополнет со средствата од оваа нова еврообврзница. На тој начин ќе ги исплатиме обврските што ни ги оставила владата на СДСМ и не сакаме да го политизираме ова прашање. Сметаме дека тоа е нормален начин на функционирање на една држава, истакна министерот за финансии.

Еврообврзницата е издадена на износ од 270 милиони евра со рок на враќање од 5 години и каматна стапка од 4,875 проценти, односно стапка на принос од 5,125 проценти.
Министерот посочи дека побарувачката од инвеститорите за македонската обврзница била два и пол пати повисока и достигна 632 милиони евра. Запишана е од над 100 инвеститори од кои најголем дел се од Европа и САД, а останатите се од други земји. Меѓу инвеститорите се најпознати инвестициски банки во светот, пензиски фондови, осигурителни компании и еквити фондови. Трансакцијата се реализираше во соработка со Сити банк, Дојче банк и Ерсте банк

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window