Кавадарци, 14 февруари 2016 (МИА) – Од 2008 година наваму за субвенции за поддршка на лозарството исплативме вкупно 4,6 милијарди денари или 75 милиони евра. За минатата година на околу 5.000 кавадарчани им се исплатени 200 милиони денари, а така ќе продолжиме и во иднина, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој денес се обрати пред присутните на градскиот плоштад во Кавадарци по повод верскиот празник Свети Трифун кој се смета за заштитник на лозарите.

Тој истакна дека традицијата на производство на грозје и вино во Тиквешијата и во Македонија е вековна и оти уште од дамнина се создаваат чудесно моќни вина со мириси на југот.

– Секој што дошол кај нас и пиел од нашето вино рекол дека е најдоброто и највкусното вино кое некогаш го пробал. Вие и вашиот труд сте заслужни за тоа и знаете дека ја имате и секогаш ќе ја имате нашата поддршка и преку субвенции и преку промоција на виното, нагласи Ставрески.

Тој, посакувајќи бериќет за семејствата од цела Тиквешија и Македонија, потенцира дека лозарството и винарството се столбот на македонската економија.

– Во една прилика побаравте да се скрати рокот во кој винарските визби мора да го исплатат грозјето. Ние најсериозно го разгледавме тоа прашање и тоа ќе биде поставено на Влада и ќе влезе во нашата програма, па ќе настојуваме исплатата за лозарите да биде што е можно понавремена, нагласи Ставрески пред кавадарчани.

Пред присутните се обрати и градоначалникот на Кавадарци Александар Панов, кој истакна дека времето им е наклонето на лозарите, но не и на винарските визби, па побара да се намали рокот до кој винарите мора да го исплатат грозјето, сè со цел, како што рече, винарите да не си ја сечат гранката на којашто седат.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window