Скопје, 28 мај 2014 (МИА) – Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески очекува позитивните трендови во индустријата да продолжат и во наредниот период, и тоа да помогне до крајот на годината да се оствари и проектираниот раст на економијата од 3,5 проценти.

– Официјалните статистички податоци с и уште не се објавени, но моите очекувања, со оглед на тоа дека економските политики се долгорочно поставени и на здрава основа, се дека нема причина да не продолжиме со позитивните трендови во индустријата, изјави министерот одговарајќи на новинарско прашање.

Во однос на проекцијата за буџетскиот дефицит, потенцира дека Владата ќе го испочитува проектираниот буџетски дефицит од 3,5 проценти од БДП, односно ќе остане во рамки на планираниот дефицит и покрај реализацијата на значајни капитални проекти, кои подразбираат користење повисоки износи.

Според него, тоа се предизвици со кои треба да се соочат во наредниот период, но оти ќе ја задржат општата буџетска рамка со планираните проекции за оваа година.

За тоа дали ќе има ребаланс, посочи дека с и уште е рано и оти кон средината на годинава ќе се процени дали има потреба и доколку има ќе се види колкава е потребата и колкав ребаланс би се направил. Според министерот Ставрески, буџетскиот дефицит е резултат на сезонски фактори, односно исплаќањето субвенции и капитални расходи за инфраструктурни проекти како автопатите, а другите расходи се во рамки на планираните вредности. – Во останатиот дел од годината по однос на субвенции, рече, ќе има помали исплати.

Во врска со поддршката што се дава на домашните компании рече дека тие во повеќе наврати го изразуваат задоволството од политиките на Владата, што, според него, се должи на стабилните услови за работење. – Во последните седум години, а особено 5,5 години во услови на криза, најголемата поддршка што можевме да ја дадеме е задржувањето на ниските даноци, кои беа на најниско ниво во Европа, рече Ставрески.

Меѓу другите мерки ги спомена ослободувањето од данок на реинвестирана добивка по кој основ државата годишно губи милијарда денари, средства кои остануваат кај фирмите и кои помогнаа да опстојат во период на криза, потоа евтината кредитна линија од ЕИБ од 350 милиони евра, докапитализацијата на Македонска банка за поддршка и развој и достапните 10 милиони евра за поддршка на извозот и земјоделството, како и нивелирањето на казните според економската моќ и големината на фирмата. – Сите овие мерки и други политики директно им помагаат на домашните фирми и мислам дека во целина постои задоволство, истакна министерот за финансии.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window