Скопје, 21 март 2014 (МИА) – Потврдата на стабилниот кредитен рејтинг на Република Македонија од една од најреномираните агенции во светот „Фич“ е признание дека макроекономските политики се стабилни, со солидна стапка на раст на економијата, движена од градежништвото, високите капитални инвестиции од буџетот и средствата вложени од странските компании, оцени денес вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Тој истакна дека тоа е одлична вест бидејќи само во изминатите неколку месеци Фич и Стандард и Пурс ги намалија кредитните рејтинзи на повеќе земји во регионот, како Хрватска, Словенија, па и пошироко на Украина, Русија, Турција…

– Задоволни сме што инвеститорите ќе имаат можност по петти пат да слушнат од оценката на Фич дека е потврден кредитниот рејтинг и дека Република Македонија спроведува во целина добри економски политики. Тоа ќе влијае и на натамошниот интерес на инвеститорите за Македонија како дестинација за нови вложувања, нови инвестиции, нови вработувања, изјави Ставрески.

Според него, Фич, нотира, што е исто така добро, умерено ниво на буџетски дефицит и умерено ниво на задолженост на Македонија, при што нивните проекции се дека до крајот на 2015 година земјата ќе остане со ниско до умерено ниво на долг од 36 до 37 проценти од БДП.

– Нивна оценка е дека и банкарскиот систем е стабилен и дека бизнис климата на Македонија е значително подобра отколку на која било друга земја со идентичен кредитен рејтинг, што покажува дека оние реформи што ги правевме се потврдени и од Светска банка и од уште една реномирана светска куќа, истакна Ставрески.

Кредитната агенција „Фич“ во најновиот извештај го потврди кредитниот рејтинг на Република Македонија на ББ+ стабилен.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window