Свети Николе, 21 септември 2015 (МИА) – Со 47 милиони денари преку Проектот за подобрување на општинските услуги се обновуваат главните сообраќајници во Свети Николе. Следната година нови 25 милиони евра ќе им бидат ставени на располагање на општините за капитални проекти преку МСИП.

Денес во Свети Николе почна реконструкцијата на двете најголеми улици, која се реализира преку заем од Светска банка, а е во рамки на подобрување на општинските услуги МСИП на Министерството за финансии.

На означувањето на почетокот на работите присуствуваа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, градоначалникот Зоран Тасев и пратеничката во Собранието на РМ Благица Ласовска.

Вицепремиерот Ставрески истакна дека проектот е вреден 47 милиони денари, со кои е предвидено да се реконструираат улиците „Крсте Мисирков“ и „Младинска“ на кои живеат 40 отсто од населението во Свети Николе.

– Почнуваме со еден крупен проект, а тоа е реконструкцијата на улиците „Младинска“ и „Крсте Мисирков“ со цел да се подобрат условите за живот на граѓаните. Тоа е проект кој се реализира благодарение на Светска банка, со буџет од 47 милиони денари, а Владата овде беше да помогне во тоа да го направи проектот. Морам да кажам дека досега преку проектот МСИП имаме реализирано 59 проекти во околу 40-ина општини во земјава. Досега преку овој проект се распределени 40 милиони евра низ општините со кои се решаваат големи инфраструктурни проблеми, изградба на водоводи, канализации, реновирање училишта, изградба на спортски сали и решавање други инфраструктурни проблеми. Дополнително, во текот на годината на општините ќе им бидат на располагање и 20 милиони евра како грант, а во 2016 година ќе имаме дополнителни 25 милиони евра за изградба на водоводи, канализации и решавање други инфраструктурни проекти, рече Ставрески.

Градоначалникот на општина Свети Николе Зоран Тасев истакна дека ова е еден од најголемите проекти што се реализираат во општината Свети Николе.

– Благодарение на Владата, на премиерот Никола Груевски и секако на вицепремиерот Ставрески обезбедени се средства за реализација на еден од најкапиталните проекти за подобрување на условите на граѓаните во општина Свети Николе. Морам да кажам дека ветивме 122 проекта во мојата програма, додадовме уште 20 проекти и веќе реализираме 90 проценти од тие проекти, односно некои од нив се почнати, а некои реализирани.

Општина Свети Николе досега реализираше проекти во вредност од 70 милиони денари при што се заменети голем број застарени водоводни мрежи, канализациски мрежи, а изградени се и атмосферски канализациски мрежи онаму каде што немало, а што е најзначајно за Свети Николе обезбеден е озонатор на филтер-станицата, рече Тасев.

Вицепремиерот Зоран Ставрески и градоначалникот Тасев денес го посетија и манастирот посветен на Пресвета Богородица во месноста Ѓуриште каде што имаше средба со граѓаните.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window