Интензивирање на изградбата на Коридорот 10, реалокација на средства меѓу буџетските корисници во рамки на обезбедената маса на плата, обезбедување дополнителен износ во Фондот на ПИОМ, надминување на последиците од елементарните непогоди во општините, а истовремено незагрозување на исплатата на обврските е предвидено во предложениот ребаланс на Буџетот за 2014 година за кој денеска почна расправата во собраниската Комисија за финансирање и буџет

Скопје, 25 август 2014 (МИА) – Интензивирање на изградбата на Коридорот 10, реалокација на средства меѓу буџетските корисници во рамки на обезбедената маса на плата, обезбедување дополнителен износ во Фондот на ПИОМ, надминување на последиците од елементарните непогоди во општините, а истовремено незагрозување на исплатата на обврските е предвидено во предложениот ребаланс на Буџетот за 2014 година за кој денеска почна расправата во собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Како што образложи вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, станува збор за мини-ребаланс кој предвидува намалување на приходната и на расходната страна вкупно за два проценти.

– Со измените и дополнувањата на Буџетот се задржува определбата за ниско даночно оптоварувањее, без промени во даночната политика и ревидирање на оние позиции кои што заради динамиката во првите шест месеци тоа беше неопходно, рече вицепремиерот.

Тој појасни дека на расходнта страна измените од околу 1 милијарда денари се однесуваат на проектите во инфраструктурата, како што е изградбата на Коридорот 10 и во тие рамки, како што рече, Владата очекува интензивирање на градбата во преостанатиот период од 2014 година како и во следната година.

На приходната страна измените се резултат на зголемување на сопствените приходи на буџетските корисници, средства од ИПА во износ од 706 милиони, донација од Советот за Европа за реконструкција на ЈЗУ – Институт за белодробни заболувања во Министерството за здравство, за донација од УНХЦР и ИПА во Министерството за труд и социјална политика за изградба на станови за бегалци, прифатни центри, стратегија за Роми, за хидросистемот Злетовица донација од 25 милиони денари во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. За придонесите посочи дека се реализирани на ниво на планираното со незначително отстапување од околу 1 процент. 

Ставрески потенцира дека заштедите беа направени соодветно кај буџетските корисници, кај кои се оставени доволно средства за реализација на предвидените проекти до крајот на годината.

Со предложениот ребаланс предвиден е дефицитот да изнесува 3,9 проценти од БДП, кој ќе овозможи Македонија да остане земја со ниска задолженост, а се ревидира и стапката на раст на македонската економија од 3,2 проценти која се предвидува да изнесува меѓу 3,5 и 3,7 проценти.

За остварување на Буџетот од јануари до јули годинава, министерот Ставрески истакна дека се реализирани вкупни приходи од 81,429 милијарди денари. При тоа даночните приходи и социјалните придонеси се реализираат во износ од 72,562 милијарди денари. Од овој износ 47,642 милијарди денари се даночни од кои 53 проценти се по основ на ДДВ.

За првите седум месеци капиталните приходи изнесуваат 1.388 милијарди денари од кои 959 милиони денари се приходи од исплатата на дивиденда од АД Македонски телеком, а останатите се од продажба на градежно земјиште и општествени станови.

Вкупните расходи, како што образложи министерот, се реализирани во износ од 96,867 милијарди денари при што тековните изнесуваат 87,2228 милијарди денари. – Капиталните расходи се реализирани во износ од 9,639 милијарди денари. Во овој период од годината се интензивираа активностите за реализација на крупните инфраструктурни проекти, како изградба на Коридорот 10 и инвестиции во реконструкција и изградба на железничката инфраструктура. Се реализираа и повеќе проекти за подобрување на инфраструктурата во образованието, здравството, комуналната инфраструктура, како и реконструкција на здравствени објекти, рече Ставрески.

Тој додаде дека во овој период континуирано и навремено се исплаќаа субвенции во земјоделството со цел подобрување на квалитетот и конкурентноста на овој сектор. – Заклучно со 18 август исплатени се 4,9 милијарди денари директна поддршка на земјоделците при што досега се реализирани субвенциите за тутун, поледелски и градинарски култури, овошни и лозови насади, предадено грозје, млекопроизводители, сточарство и друго, истакна министерот за финансии. Буџетскиот дефицит во овој период  е остварен во износ од 15,438 милијарди денари или 3,1 процент од БДП.

Во текот на расправата против предложениот ребланс на Буџетот се изјаснија пратениците од ДПА, кои сметаат дека е дискриминаторски во однос на Албанците. Беким Фазлиу од ДПА посочи дека не се определени средства за проекти за Албанците и оти се скратени финансиите за Албанскиот театар во Скопје, како и за Библиотеката во Тетово.

Наспроти ДПА, пратеничката група на ДУИ  најави поддршка на предложениот ребаланс. – Ребалансот има релативно поволна структура за Албанците споредено со минатите години, рече пратеникот од ДУИ Реџаил Исмаили. Албанците, наброја, го користат вкупниот Буџет по основ на плати, пензии, социјални трансфери, субвенции… Треба да се има предвид дека Буџетот не е документ преку кој може да се определи кој е делот што се користи од Албанците, Македонците или друг етникум. 

Согласно собранискиот Деловник, расправата по предложениот ребаланс во Комисијата треба да заврши за 10 дена. На предложениот ребаланс поднесени се 236 амандмани.

Comments are closed.

Close Search Window