Скопје, 18 август 2013 (МИА) – Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска информира дека  веќе се крои буџетот за наредната година и Министерството за финансии  ги  почнало потребните  разговори и подготовки со останатите ресори.

 

– Јас сум фокусиран заедно со  Министерството за финанси и со другите министерства на изработката на буџетот за 2014 година. Веќе ги почнавме подготовките и разговорите со  министерствата. Во исто време  ќе се работи и на среднорочната рамка односно на индикативните буџети  за 2015 и 2016 година, изјави Ставрески, одговарајќи на новинарско прашање за можноста за ребаланс на Буџетот. По истекот на месецот, посочи вицепремиерот, ќе се види дали ќе има потреба од какви било корекции.

 

– Ќе почекаме  да  видиме како ќе помине август и тогаш ќе видиме дали има потреба  од какви било корекции. Но, она што е најзначајно е дека во целина реализацијата  на Буџетот и на приходите е во рамки на планираното, рече Ставрески при посетата на градилиштето  на АД за стопанисување со  станбен и деловен простор во населбата Реонскиот центар во Општина Аеродром.

 

Според него, завршувањето на долготрајната рецесија  во еврозоната е позитивен сигнал, но и Владата и стопанството треба да останат активни.

 

– Во тој контекст македонското стопанство може да смета дека ќе има  зголемена побарувачка од земјите во еврзооната, но тоа нема да се случи нагло,  односно ќе има уште предизвици. Треба сите  заеднички да продолжиме со напорите, со динамиката на реформи, со подобрувањето на бизнис климата, со обезбедувањето евтини кредити. Да останеме активни и  ние како Влада, а и фирмите  бидејќи нема простор за преголемо опуштање. Но,  треба да се биде малку поголем оптмист со оглед на позитивните резулатати во европската економија, изјави Ставрески.

Comments are closed.

Close Search Window