Охрид, 25 март 2014 (МИА) – Десетина капитални проекти ќе почнат да се реализираат летово во општина Охрид. Вкупната инвестиција е над 4 милиони евра.

Ова го најави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески при денешната посета на Охрид, додавајќи дека во натамошниот период ќе продолжи соработката со Општината преку реализација на директни проекти од програмата на централната власт за наредните четири години.

– Преку позајмицата што ќе ја дадеме, Владата ќе реализира десетина проекти. Долгорочно, со оглед на тоа што парите нема да мора да се враќаат во првите неколку години, тоа ќе овозможи Општината да застане на здрави нозе, за да може да учествува во отплатата на обврските. Оценивме дека е остварен доволен напредок во управувањето со јавните финансии во Општината, за и ние да влеземе со дополнителни средства од над четири милиони евра, истакна Ставрески.

Проектите се веќе разгледани од стручен тим на Министерството за финансии и истите се испратени на разгледување во Светска банка. – Се работи за капитални проекти, а реализацијата на дел од нив ќе почне уште летово. Станува збор за проекти што се од најсуштествена потреба на населението, како водоводи, канализација, патишта, реновирање училишта . Сите проекти што ќе бидат финансирани од Владата ќе бидат токму за тие потреби, додаде Ставрески.

Во врска со големите задолжувања на општина Охрид, Ставрески истакна дека затекнатата финансиска состојба била исклучително сериозна и тешка, но најави поддршка од Владата .

– Централната власт инсистира да види дека локалната самоуправа ги презема мерките и активностите за да си помогне сама себеси. Кога гледаме дека тоа се прави, логично е дека ние ќе помогнеме и со финансиски средства и на друг начин , с è што може законски да се направи, рече Ставрески.

Тој додаде дека според негова проценка, а врз основа на мерките преземени од градоначалникот и неговиот тим, направена е санација на буџетот на општината, односно преземени се активности и во насока на преструктуирање на долгот, потпишување договори за репрограмирање на обврските, со што е задоволен еден од клучните услови за да може општината да биде корисник на средства од централната Влада и кредитни средства од Светската банка. Тој изрази задоволство од преземените активности во општинската власт за заштеда на трошоци во расходната страна, намалување на расходите на јавните набавки, сè на сè, како што рече, подомаќинското работење на новата локална власт.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window