Скопје, 12 декември 2015 (МИА) – Намалувањето на невработеноста, според вицепремиерот и министер за финансии, е реалност и најголем успех на Владата на РМ во овие девет години. Според вчерашниот податок што го објави Државниот завод за статистика, министерот вели, во Република Македонија има 711 илјади вработени лица што споредено со 2006 година, кога имаше 560 илјади вработени, е зголемување на вработеноста, односно новоотворени се 150 илјади работни места.

– Ова е резултат на добрите економски политики, пред сè одржувањето извонреден амбиент за водење бизнис каде што Македонија е рангирана на 12. место во светот, ниските даноци, поддршката на домашните компании преку евтини кредитни линии и преку проекти кои се поддржани со Буџетот и странските инвестиции. Значи една комбинација на мерки и политики во сите сегменти од економијата, вклучително и активните политики што се спроведуваат преку Агенцијата за вработување, изјави денес Ставрески.

Oд овие 150 илјади новоотворени работни места, голем број се креирани во индустријата, повеќе од 16.500, во трговијата над 35.000, во транспортот и комуникациите 24.000, а останатите во сите други сектори. Како што вели министерот, „се работи за еден раст на економијата во сите сектори, што отвора нови работни места“.

Истакна дека работни места се креираат и во домашните и во странските компании. Во изминатите години, во странските компании се креирани околу 16 илјади работни места, а во домашните компании, пред сè со проектот „Македонија вработува“ се реализирани 10.400 вработувања, додека преку другите проекти од Агенцијата за вработување креирани се 24.000 работни места. Со евтините кредити за домашните мали и средни претпријатија, додаде Ставрески, кои се обезбедени од Европска инвестициона банка креирани се околу 7.000 работни места.

– Се работи за еден сериозен исчекор во борбата против најголемиот проблем во РМ, а тоа е невработеноста, бидејќи со секое ново работно место се создава подобра перспектива, иднина за оној што се вработува и затоа ќе останеме посветени на понатамошно намалување на невработеноста со сите овие мерки и политики и со нови проекти, со цел таа да биде сведена под ниво од 22 процента, што е нашата цел за 2018 година, изјави министерот Зоран Ставрески.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window