Вашингтон, 19 април 2015 (МИА) – Стандард и Пурс ја потврди оценката за Македонија, односно го потврди нашиот кредитен рејтинг, што е добар сигнал за растот на македонската економија, за добрата состојба на јавните финансии и добар сигнал за странските инвеститори, оцени вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
 
– Тоа секако е добар сигнал дека македонската економија има добар тренд на раст, дека бизнис климата е добра, дека јавните финансии се во добра состојба, и секако е добар сигнал кон инвеститорите бидејќи тие го имаат предвид рангирањето на земјите и рејтингот што го даваат реномираните меѓународни корпорации, изјави Ставрески кој учествува на пролетните средби на Светска банка и ММФ во Вашингтон.
 
Во таа насока, додаде, ова е посебно добро што потврдата на кредитниот рејтинг на Македонија се случува во време кога во Европа има ризици и кога европските земји, особено нашиот сосед Грција се соочува со дилемата дали ќе успее да остане во еврозоната или ќе треба да ја напушти.
 
 
– Првпат на ова Собрание отворено се разговараше и за тоа дека постои и таква можност Грција да мора да ја напушти еврозоната. При што се зборуваше и за позитивните и за негативните ефекти ако тоа се случи. И во тој контекст, добро е да се знае дека Македонија има многу постабилни услови, односно дека има пониско ниво на задолженост, дека има раст на економијата во однос на нашиот сосед и дека има карактеристики на економијата коишто и понатаму одаваат стабилност и значат дека македонската економија ќе остане во зоната на стабилни и на растечки економии, потенцира Ставрески.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window