27 февруари 2019, Љубљана – Република Северна Македонија е лидер меѓу земјите од регионот во спроведување на препораките на Европската комисија за реализирање на Програмата за економски реформи. Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски во Љубљана, каде учествува на конференцијата „Кон подобрени структурни реформи и фискални рамки“, во организација на Центарот за обука во областа на финансиите (ЦЕФ). Тевдовски е еден од говорниците на панелот „Економско управување во контекст на пристапот во ЕУ“.

-Минатата 2018 година, имплементиравме најмногу препораки од сите земји аспиранти за влез во ЕУ. Лани бевме најдобри со 54,4% реализација. Во моментов процентот на реализација на договорените активности е 65%. Уверени сме дека таквиот тренд ќе продолжи и во наредниот период и дека дијалогот со Европската комисија ќе биде поттик да дојдеме до најдобрите решенија за земјата – рече министерот Тевдовски.

На конференцијата беше истакнато дека во процесот на пристапување кон Европската унија, економиите на земјите – аспиранти треба да станат доволно витални за да ги издржат конкурентните притисоци на единствениот пазар на ЕУ. Притоа, како најважни области кои треба да зајакнат беа посочени економското управување, конкурентноста и трговијата. Клучни инструменти на политиката во овој процес се програмите за економски реформи, вклучувајќи ги структурните реформи, со цел да се поттикне растот и конкуренцијата, а истовремено обезбедувајќи фискална дисциплина и одржливост.

Тевдовски се осврна и на реализираните реформи во областа пензискиот систем, даноците и во други сегменти, како и на спроведувањето на здрави фискални политики и на транспарентноста при трошењето на јавните пари. Тој меѓу другото истакна дека мерките ќе овозможат постепена фискална консолидација преку намалување на дефицитот на пензискиот систем и подобро насочување на социјалните трансфери.

Тој исто така рече дека јавниот долг е ставен под контрола, како и дека е зајакната фискалната дисциплина.

-Ќе наведам два податока. Од 2008 до 2016 јавниот долг рапидно растеше – практично беше удвоен од 23,3 отсто на 48,8 отсто од БДП. На крајот на 2018 година, јавниот долг е на исто ниво со 2016 година. Затоа со право може да кажеме дека ако порано сме имале брзорастечки јавен долг – вон контрола, сега тој е стабилизиран и е под контрола- рече Тевдовски. 

На панелот на кој што учествува министерот Тевдовски, воведничар е Андреас Пападопулос од Генералниот директорат на ЕК за проширување, а учесници се и министерот за здравство на Црна Гора, Кенан Храповиќ, заменик министер за финансии и економија на Албанија, Ерјон Лучи, координаторот за Програмите за економски реформи на Босна и Херцеговина, Зоран Жељко и Ирена Дрмеж од Министерството за финансии на Словенија.

Подготовката на Програмата за економски развој е координирана од страна на Министерството за финансии, а се доставува до ЕК по нејзино усвојување, најдоцна до 31 јануари. Потоа таа се оценува преку оценски мисии во земјата од страна на ЕК, Европската централна банка и Еуростат, по што започнува дијалог во рамките на Советот на ЕУ. Процесот завршува со донесување заеднички заклучоци врз основа на оцената на Програмата за економски реформи и се даваат препораки за подобрување на макроекономската политика на земјата, управувањето со јавните финансии и квалитетот на структурните реформи.

 

Comments are closed.

Close Search Window