11 април 2018, Скопје – Релаксирање на казнената политика и намалување на казните кај Царината, најави министерот за финансии Драган Тевдовски на одбележувањето на Денот на Царинската управа. Како што истакна министерот за финансии, со цел олеснување на условите за бизнис заедницата и во интерес на македонските граѓани, а во согласност со Програмата и приоритетите на Владата на Република Македонија, подготвени се законски измени за релаксирање на казнената политика.

– Во координација со Царинската управа се изврши сеопфатна анализа на казнената политика и се изготвија предлози за намалување на глобите, односно за нивно изрекување соодветно на тежината на сторениот прекршок – истакна министерот Тевдовски.

Тевдовски, на одбележувањето на Денот на Царината, истакна дека се спроведуваат повеќе проекти за олеснување и подобрување на трговската размена преку граничните премини. Министерот посочи дека се работи на концептот едно застанување – односно на еден граничен премин да се поминат граничните контроли на две земји.

– Во унапредувањето на трговската размена од големо значење ќе бидат и активностите што се преземаат за спојување на граничните премини со дел од соседните земји (Србија, Албанија и Косово). Концептот со едно застанување, на еден граничен премин, да се поминат граничните контроли во двете земји значително ќе ја забрза и олесни стоковата размена. Идејата за единствен граничен премин ќе придонесе за унапредување на регионалната соработка, ќе го направи регионот поконкурентно место за стопанисување и ќе влијае на трговскиот раст – рече Тевдовски.

Како што посочи министерот за финансии, преку ИПА фондовите се модернизираат и граничните премини Табановце и Ќафасан, што ќе ја олесни стоковата размена и транспортот на коридорите 8 и 10.

– Преку европските фондови се финансираше надградбата на објектите за царинење на граничниот премин Табановце, односно се прошири и пренамени постојниот царински терминал и се изградија две коловозни ленти. Реализацијата на овој Проект ќе придонесе кон зголемување на пропусната моќ на преминот и забрзување и олеснување на стоковата размена и транспортот долж Коридорот 10. Модернизираниот граничен премин Табановце се очекува да се пушти во употреба во наредните неколку месеци. Кон крајот на 2018 година се очекува да заврши и Проектот за реконструкција на објектите за царинење и инспекција на граничниот премин Ќафасан, исто така финансиран од ИПА фондовите. Со реконструкцијата на преминот, долж Коридорот 8 се создаваат услови за натамошно забрзување на прекуграничниот промет – рече Тевдовски.

Министерот за финансии посочи дека континуирано се работи на унапредување на услугите и работата на Царинската управа. Тој посочи дека во Програмата за реформа на јавните финансии 2018-2021, се предвидува подобрување на постапките и услугите на Царината како и на борбата против царински измами.

– Се преземаат чекори кон уште поголемо забрзување и олеснување на трговската размена преку воведување на концептот овластен економски оператор. Преку овој концепт ќе се обезбеди непречен проток на стоките и услугите во регионот за имателите на лиценца на овластен економски оператор – рече Тевдовски.

На одбележувањето на Денот на Царинската управа Тевдовски истакна дека Царината е вистински чувар на финансиските интереси на државата, на здравјето и на животот на граѓаните на Република Македонија. Тој посочи дека станува збор за институција која има висок рејтинг, како во земјава така и на меѓународно ниво.

– Царината е како лична карта на државата – таа е првата институција со која  некој што доаѓа однадвор стапува во контакт. Затоа таа е исклучително важна во градењето имиџ на европска и современа држава – истакна Тевдовски.

На Денот на Царинската управа свое обраќање имаше и директорот Ѓоко Танаскоски и пензионирани царински службеници кои споделија искуства од нивната служба.

Comments are closed.

Close Search Window