16 јануари 2018, Скопје – Од 2019 година сакаме да почнеме со среднорочно буџетирање, да излеземе од рамките во кои се планира само тековната фискална година и да имаме план за следните три или четири години, најави денеска министерот за финансии Драган Тевдовски во своето обраќање на главниот панел на конференцијата „Еуромани“ (Euromoney) – најголемата конференција од областа на финансиите во Централна и Источна Европа, која се одржува 23-та година по ред,  во Виена.

Како што истакна министерот, на оваа реформа ќе се работи во соработка со Меѓународниот монетарен фонд.

– Заедно со ММФ ќе работиме на имплементирање на фискалните правила, на механизми со кои ефикасно ќе го контролираме нивото на јавниот долг. Една од клучните придобивки е дека ќе го промениме начинот на планирање и ќе се подобри таргетирањето особено кај социјалните надоместоци и земјоделските субвенции, со што ќе се подобри нивната ефективност – истакна Тевдовски.  

Тевдовски доби пофалба од другите панелисти за исклучително ниската цена, односно каматата постигната за македонската еврообврзница минатата недела на меѓународниот пазар на капитал. Министерот истакна дека Македонија издаде еврообврзница со историски најниска камата и дека тоа може да се смета за успех од повеќе причини.

– Прво, интересот на инвеститорите беше огромен, имаше огромна побарувачка од 3,5 милијарди евра или 7 пати поголема од понудата. Ова е јасен сигнал дека меѓународните инвеститори позитивно ја оценија перспективата на македонската економија. Второ, постигнавме историски најниска камата. Ова е јасен сигнал дека во минатото економските политки не биле најуспешни и поради тоа можеби сме плаќале повисока цена за еврообврзниците. Третата работа што би ја истакнал е дека Македонија сега за првпат влезе во проактивно управување со јавниот долг, ја рефинансиравме еврообврзницата која доспева 2020 година, предвреме исплаќајќи третина од неа, која требаше да доспее по три години, по двојно пониска камата – посочи министерот Тевдовски.

Тевдовски рече дека веќе се преземени чекори за постепена фискална консолидација, така што со годинашниот Буџет буџетскиот дефицит е намален од 2,9% на 2,7%, а планот е до 2020 година дефицитот да се сведе на 2%. Значително е зголемена и фискалната транспарентност, скратени се непродуктивните трошоци, а со даночните реформи што се планираат за идната година, ќе се подобри приходната страна на Буџетот што исто така ќе влијае на намалување на буџетскиот дефицит.

Како што истакна министерот Тевдовски, јавното трошење е насочено кон инфраструктурата, кон капитално интензивни проекти. Се работи на подобрување на поврзувањето со соседите, како и подобрување на инфраструктурата од главниот град до туристичките центри во земјата.

– Со оглед на тоа дека политичката криза е зад нас, очекувањата се дека земјата ќе направи чекор напред во однос на членството во НАТО, како и дека ќе ги почнеме преговорите за членство со ЕУ. Ова ќе придонесе за поинтензивен и одржлив економски раст во Македонија – рече Тевдовски во обраќањето.

На конференцијата во Виена присуствуваа над 1.100 учесници, вклучувајќи министри за финансии, гувернери на централни банки, директори на финансиски институции и инвеститори. Министерот Тевдoвски беше еден од главните говорници, заедно со Евалд Новотни, гувернерот на Централна банка на Аврстија, Вардан Армија, министерот за финансии на Ерменија, Мамука Бактаџе, министерот за финансии на Грузија, Здравко Мариќ, министерот за финансии на Хрватска, Вилиус Шапока, министерот за финансии на Литванија и Душан Вујовиќ, министерот за финансии на Србија.

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window