27 ноември 2018 година, Виена – Фискалната транспарентност за само една година е значително подобрена. Граѓаните и компаниите имаат увид во трошењето на средствата, а направени се и пет системски реформи. Ова го истакна министерот за финансии, Драган Тевдовски на министерската конференција во Виена на тема „Финансиското информирање како катализатор за интеграција“.

Министерот за финансии се задржа на трите клучни сегменти од оваа област: Фискалната транспарентност, сметководство и ревизија и управувањето со јавните финансии.

– Веруваме дека прв чекор што треба да се направи за да имаме подобри институции на Балканот е фискалната транспарентност. Ако граѓаните и компаниите знаат како јавните институции ги трошат средствата кои се собрани од даноците, тие ќе прават притисок трошењето да се прави на поефикасен начин, истакна министерот Тевдовски.

Тој посочи дека се објавуваат извештаи за извршување на буџетот од страна на буџетските корисници и општините на месечна и квартална основа, воведена е обврска сите договори за јавни набавки и анекси да се објавуваат на веб, а истото се однесува и на завршните сметки на сите институции. 

– За прв пат во „Годишната книга на ММФ за владини финансиски статистики“ се објавуваат податоци за извршување на буџетот на општа влада за периодот 2013 – 2016 година, според најновата методологија. Исто така, поотворени сме во обезбедувањето податоци за MМФ, СБ и ЕУ. Во следните месеци ќе го отвориме трезорот на Министерството за финансии на веб. На овој начин граѓаните ќе имаат информации за исплатите во реално време. Почнавме да објавуваме Граѓански буџет со цел граѓаните да бидат информирани за планирањето на Буџетот и да можат да учествуваат во одлучувачкиот процес, рече тој.

Воедно, додава министерот, целта е и да го зголемиме нивото на транспарентност и одговорност на приватниот сектор. Во оваа насока важно е подобрување на квалитетот на сметководствените и ревизорските извештаи и усогласеност со ЕУ директивите и стандардите. 
Во таа насока се подготвуваат измени на два закони, Законот за ревизија и Законот за сметководствени услуги. 

Министерот Тевдовски ги образлoжи и клучните реформи во областа на јавните финансии.
– Во текот на изминатата година направени се пет системски реформи: пензиски реформи за да се обезбеди подобра оддржливост на пензискиот систем; направени се даночни реформи со цел да се намали доходната нееднаквост и да се мобилизираат повеќе буџетски приходи; реформи во системот за јавни набавки со цел да се подобри ефикасноста на истите; социјална реформа за подобро насочување на социјалните трансфери; се воведуваат и механизми за да не се натрупуваат нови долгови на општините, изјави министерот. 

На Министерската конференција обраќање има и министерот за финансии на Австрија  Хартвиг Лоџер, како и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.


На министерскиот панел, учествува и потпретседателот на Светска банка за Европа и Централна Азија, Сирил Милер.

Конференцијата е посветена на значењето на транспарентноста и финансиската одговорност во јавниот и приватниот сектор и реформите за унапредување на финансиските информации. Како што истакнуваат организаторите, реформите во овој сектор придонесуваат за развој на пазарот на капитал, привлекување на странски инвестиции и развој на економијата.

На Министерската конференција учествуваат преку 300 претставници од 13 земји, меѓу кои и министри за финансии, претседатели на регулаторни тела, претставници од академската заедница и бизнис секторот, како и од институциите на ЕУ.

 

 

Comments are closed.

Close Search Window