16 јули 2018, Скопје – Приходите во државната каса во 2017 година се зголемени за 6,1% во однос на претходната година, додека буџетскиот дефицит е за 27,8 милиони евра понизок од планираниот. Откако Владата стапи на власт на средината на 2017 година, направи ребаланс со кој скрати на рекламите, патните трошоци и репрезентација, додека издвои средства за покачување на минималната плата, за решавање на прашањето на стечајните работници, за повеќе средства за малите и средни претпријатија и за активни мерки за вработување, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски претставувајќи ја завршната сметка за Буџетот за 2017 година пред Комисијата за финансирање и буџет во Парламентот.

Како што истакна министерот, во текот на 2017 година направени се клучни промени со фискалниот систем.

– Од минатата година јавноста има многу поголема пристапност до податоците од јавните финансии. Со фискалната транспарентност граѓаните добија поголема контрола над државните пари. Се објавуваат извештаи за извршување на Буџетот и буџетот на општините, кои претходно  не ѝ беа достапни на јавноста. По првпат за Ребалансот во 2017 објавен е Граѓански буџет, а ќе истакнам дека Граѓански буџет направивме и за Буџетот за 2018 година. Буџетските корисници, општините и јавните претпријатија добија законска обврска на своите веб-страници да ги објавуваат финансиските извештаи – рече министерот за финансии и додаде дека напредокот во фискалната транспарентност беше нотиран и во заклучокот од состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.

Во однос на макроекономските резултати за минатата година, Тевдовски истакна дека кај економската активност во првото полугодие на 2017 година е забележан пад од 0,7%, по што економскиот раст преминал во позитивна зона и изнесуваше 0,7% во второто полугодие. Тевдовски рече дека потрошувачката, согласно очекувањата, останала отпорна на политичките случувања во земјата и пораснала за 2%. Извозот на стоки и услуги продолжил да расте со посилна динамика и во однос на претходната година и забележал раст од 9,2% на реална основа. Увозот исто така забележал раст од 7,3%, што се должи главно на увозот на интермедијарни производи.

– Во 2017 година продолжија поволните движења на пазарот на трудот, со нешто посилна динамика од очекувањата. Бројот на вработени во 2017 година се зголеми за 2,4% во однос на 2016 година, со што просечната стапка на вработеност достигна 44,1%, а стапката на невработеност се намали на 22,4%. Просечната бруто-плата во 2017 година забележа раст од 2,6%, како резултат на покачувањето на минималната плата – рече Тевдовски.

Како што истакна министерот за финансии, во однос на реализацијата на Буџетот за 2017 година, вкупните приходи се зголемени за 6,1% во однос на минатата година. Споредбено со 2016 година, реализацијата на приходите по основ на данокот на додадена вредност е повисока за 4,2%, односно за 1,921 милијарда денари. Данокот на добивка исто така бележи подобрена наплата, при што приходите по овој основ се повисоки за 5,4% во однос на 2016 година. Вкупните расходи на Буџетот на Република Македонија изнесуваат 196,6 милијарди денари, што претставува реализација од 96,7% во однос на планираните средства.

– Капиталните расходи се реализирани на историски највисоко ниво во износ од 19,8 милијарди денари, односно 85% во однос на планот и се за 2,9 милијарди денари повисоки во однос на реализацијата во 2016 година, при што одлична реализација имаа ИПА проектите. Во рамките на капиталните расходи се реализираа крупни инфраструктурни проекти од комуналната инфраструктура за пречистителни станици во Радовиш, Струмица, Кичево, Прилеп, како и за рехабилитација на канализациони мрежи во Берово и Куманово, довршување на Проектот за доизградба на Коридорот 10, делница Демир Капија – Смоквица, реконструкција и доизградба на железничката инфраструктура, вложувања во енергетска област, во образованието, здравството и заштитата на децата – рече Тевдовски.

Буџетскиот дефицит е реализиран на ниво од 2,7% од БДП и е помал за 1,7 милијарди денари од планираниот за годината.

Министерот за финансии Тевдовски истакна дека претстојат значајни реформи во системот на јавните финансии предвидени со Програмата за управување со реформи во јавните финансии.

– Пред нас се значајни предизвици – значајни реформи, како што се среднорочното буџетирање, новиот систем на јавни набавки, фискален совет, нов закон за јавен долг кои се предвидуваат со стратегијата. Со реформите што ќе се спроведат ќе добиеме еден многу подобар систем на управување со јавните финансии. Наесен ќе ја воведеме платформата Open Finance со која граѓаните ќе имаат увид во сите исплати од Трезорот – рече Тевдовски и посочи дека Владата настојува и работи за да спроведе реформи кои ќе го подобрат управувањето со јавните финансии, што ќе обезбеди подобар животен стандард за граѓаните.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window