10 јуни 2018, Скопје – Подобрена е состојбата во јавните финансии во Македонија, што е потврдено од меѓународните финансиски институции и од Европската комисија, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски во изјавата по повод една година од формирање на Владата.

– За разлика од порано, граѓаните сега имаат контрола врз трошењето на државните пари, домаќински се троши, а инвеститорите и меѓународните финансиски институции ја вратија довербата во фискалната политика. Преку повеќе мерки се работи на подобрување на животниот стандард на граѓаните – рече Тевдовски. 

Како што посочи, по доаѓањето на Владата, преку низа мерки за унапредување на транспарентноста граѓаните имаат увид во тоа каде им се трошат парите.

– Една од првите мерки беше подготовката на Граѓански буџет. Со тоа јавните финансии станаа достапни и поразбирливи за граѓаните. Сега се објавуваат низа извештаи за извршувањето на Буџетот, кои порано не се објавувале. Јавно достапни се договорите за јавни набавки на институциите – изјави Тевдовски.

Министерот за финансии истакнува дека покрај увидот во тоа каде се трошат државните пари, јавноста сега има и активна улога во носењето на Буџетот. За Буџетот 2018 биле организирани јавни дебати со невладиниот сектор, експертската јавност, коморите и синдикатите, уште истиот пред да влезе во владина процедура. На јавна дискусија бил ставен и Законот за јавни набавки.

– За разлика од порано, државните пари сега се вложуваат во вистински работи. Се инвестира во  подобрување на животот на граѓаните. Сега парите не се фрлаат на панорамски тркала, на споменици, на фасади, на палми и жални врби. Сега се издвојуваат средства за клучните столбови на општеството – за повисоки плати во армијата, здравството, образованието и детската грижа. Се издвојуваат повеќе средства за приближување до НАТО стандардите, за поддршка на домашните претпријатија и највисока сума досега за мерки за вработување – нагласи тој.

Министерот вели дека Владата отплатила голем број од обврските оставени од претходната влада.

– За првпат после подолг период брзорастечкиот јавен долг е ставен под контрола. За првпат после 9 години имаме намалување на јавниот долг на годишно ниво. Каматите по кои се позајмуваат средства сега се значително намалени. Повратот на ДДВ се одвива брзо и неселективно, што значително придонесува во подобрување на ликвидноста на фирмите – вели Тевдовски.

Зголемена е и довербата на инвеститорите. Кредитната рејтинг агенција Фич го подобри изгледот за рејтинг на Македонија. Довербата на инвеститорите се покажала и преку историски најниската каматна стапка на еврообврзницата и издавањето на 30-годишна обврзница, посочува министерот.

Тевдовски вели дека приоритет на Владата е подобрување на животниот стандард на граѓаните. Во таа насока е и една од првите мерки кои Владата ги донела и која се однесува на покачување на минималната плата.

– Зголемувањето на минималната плата доведе до покачување на платите на над 90.000 работници. Најважно, има висок раст на платите во најниско платените сектори. Но не застануваме тука. Владата најави финансиска поддршка за покачување на платите. Државата ќе го поддржи растот на платите на работниците кои имаат просечна нето плата до 18.000 денари. Целта ни е да ја поттикнеме спиралата на плати – рече тој.

Министерот за финансии посочи дека за првпат Владата има Стратегија за реформи во јавните финансии, подготвена заедно со Европската унија, која содржи акциски план според кој се работи.

Погледнете го видеото на следниот линк:

https://drive.google.com/file/d/1vxEq3f160z4t8HMthD0bbeMVZdPVczgH/view

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window