28 ноември 2018 година, Скопје – Предлог-Буџетот на Република Македонија за 2019 година беше претставен пред Комисијата за финансирање и Буџет. Министерот за финансии во своето експозе истакна дека овој Буџет е најдобра потврда  дека Владата продолжува посветено да работи на постигнувањето на клучните цели и приоритети на општеството: повисоки стапки на економски раст, подобар животен стандард на населението, владеење на правото, повисоко ниво на социјална правда и зачленување во ЕУ и НАТО.

– Со Предлог-Буџетот предвидуваме натамошно намалување на буџетскиот „минус“, односно намалување на буџетскиот дефицит за пола милијарда денари. Од 2,7% од БДП во 2018, дефицитот се намалува на 2,5% од БДП во 2019. Ваквата дисциплинирана фискална политика, односно постепената фискална консолидација, е клучна и неопходна компонентна за среднорочно стабилизирање на јавниот долг. Исто така, држејќи се до дефицитот предвиден во Фискалната стратегија, всушност водиме кредибилна и предвидлива фискална политика, истакна МФ Тевдовски.

Министерот за финансии додаде дека водењето на ефикасна, домаќинска и транспарентна фискална политика, не значи само низок и опаѓачки дефицит, туку и вложување на јавните пари за подобрување на економијата и животот на граѓаните.

Овие цели се постигнуваат со Предлог-Буџетот за 2019. Тој предвидува праведно оданочување и мерки за стабилизација на ПИОМ, при истовремено вложување во сите клучни сектори на општеството:

  • интензивирање на процесот на интеграција во НАТО, со значително повисок буџет за одбрана и повисоки плати за вработените;
  • повисоки плати за лекарите специјалисти и за целиот медицински персонал;
  • повисоки плати во образованието и градинките; целосно реформиран систем на социјална заштита со минимален гарантиран приход, социјална пензија и образовен и детски додаток;
  • историски највисоко ниво на средства за активни мерки за вработување и за поддршка и поттикнување на инвестиции;
  • раст на платите на сите вработени во јавната администрација;
  • како и амбициозен, но реален план на јавни вложувања во инфраструктурата. 

Министерот Тевдовски на пратениците им посака конструктивна дебата и дискусија која ќе биде базирана на аргументи и меѓусебно почитување.

Comments are closed.

Close Search Window