28 март 2018 година, Скопје – Граѓаните наскоро ќе можат да гледаат како се троши секој денар од своите компјутери. Ова го најави министерот за финансии Драган Тевдовски на економскиот форум на тема „Македонската економија, помеѓу визија и дилема: предизвици на економските политики“, организиран од „Фајненс тинк“.

Едно од клучните прашања на овој форум беше дали Македонија ќе може да оствари економски раст од 3,2 проценти и кои се клучните ризици.

Тевдовски увери дека растот е остварлив и дека Министерството за финансии води политика на умерено фискална консолидација и оти на среден рок веќе се преземаат мерки и на приходната и на расходната страна.

– На расходната страна ги скративме непродуктивните трошоци. Нема место за палми и за жални врби. Наместо на непродуктивни трошоци оваа Влада се фокусира на темелите на општеството, домашната економија и НАТО и ЕУ интеграциите, нагласи тој.

Во однос на НАТО интеграцијата, тој рече дека истата ќе создаде мултипликативен ефект и ќе овозможи и повисок економски раст.

Во однос на најавените даночни реформи важно е граѓаните да знаат дека за квалитетно здравство и образование важно е државата да работи на подобрување на даночната политика.

Тој исто така потенцира дека мерките кои се преземени, како на пример мерката за зголемување на минималната плата, веќе даваат резултати.

– Се стравуваше дека оваа мерка ќе резултира со отпуштања. Но, такво нешто не се случи. Невработеноста е намалена, а просечната плата во јануари оствари раст од 5,6 проценти во однос на јануари минатата година, рече Тевдовски.

Заменик претседателот на Влада, Кочо Анѓушев, исто така потенцира дека зголемувањето на платата е резултат на поддигнување на лимитот на платата, но и дека за пораст на економијата мора да се креираат компании кои ќе бидат извозно ориентирани.

На форумот со свои излагања учествуваа и претставникот на ММФ за Македонија, Себастијан Соса и Марко Мантованели, директор за Македонија во рамки на регионот на Европа и централна Азија при Светска банка.

 

Comments are closed.

Close Search Window