19 јануари 2019, Скопје – Кредитната агенција „Фич“ го потврди водењето  успешна фискална политика, посочувајќи ги реформите во системот на јавните финансии како што се пензиската реформа, системот на јавни набавки и фискалното правило за општините, вели министерот за финансии Драган Тевдовски. Денес, кредитната агенција „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија ББ, откако минатата година го подобри изгледот од негативен во позитивен. 

– Кредитната агенција „Фич“ го потврди водењето успешна фискална политика. Главно, тие ги истакнуваат реформите во системот на јавните финансии, притоа ставајќи акцент на реформата во системот на јавните набавки, пензиската реформа и фискалното правило кое беше поставено на општините. Реформите заедно со стабилизацијата на политичката состојба, ја оживуваат економската активност, нагласува „Фич“ и во извештајот е многу јасно потенциран позитивниот придонес кој се очекува од поплочениот пат во НАТО. Ние нема да застанеме тука. За нас е важно да продолжиме со спроведување на реформите – вели Тевдовски.

„Фич“ констатира дека подобрената политичка стабилност влијаела врз закрепнувањето на економската активност. Се оценува дека растот на БДП ќе забрза од 2,3% во 2018 на 3,2% во 2019 година и 3,6% во 2020 година. Се забележува и дека се имплементираат подобрувања во управувањето со јавните финансии преку програма усогласена со ЕУ. Понатаму, „Фич“ нотира дека државниот долг од 40,8% од БДП на крајот на 2018 година, според официјалните оценки е под медијаната на групата слични земји (47%), додека гарантираниот долг изнесува 8,0% од БДП.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window