Струмица, 29 август 2015 (МИА) – За 10 месеци на местото на старата зграда на полициската станица во Струмица ќе биде изграден нов модерен објект во кој ќе бидат сместени подрачни единици на повеќе институции. Проектот е вреден 1,1 милион евра, средства обезбедени од Буџетот на државата.

На отпочнувањето на работите за реконструкција и доградба на овој објект присуствуваше премиерот Никола Груевски кој истакна дека силни, модерни и ефикасни државни институции кои можат во целост да одговорат на својата улога и да бидат предводници на развојот на земјата се една од основните цели и приоритети на Владата.

За жал, нагласи тој, долги години наназад голем број државни институции се селеа од едно на друго место, работеа во импровизирани услови, а за сето тоа државата и граѓаните издвојуваа огромни суми пари за закупнина и кирии.

– Од сето тоа никој не добиваше, освен оние кои со години земале високи кирии од институциите. Губеше државата, губеа институциите, губеа граѓаните, губеше целиот процес на модернизација и оптимизација на функционирањето и на државните органи. Токму затоа оваа Влада се зафати темелно и систематски да го решава овој сериозен проблем. Во таа насока изминативе години изградивме нова зграда на Кривичниот суд на РМ, на Основното и на Вишото јавно обвинителство на РМ, нова зграда на МНР, на МЖСПП и на Министерството за финансии. Изградивме голем број училишта, градинки, спортски објекти…, рече премиерот Груевски.

Тој истакна дека во насока на решавање на проблемите на државните институции е и денешниот почеток на целосна реконструкција на старата полициска зграда во Струмица за што Владата издвои 1,1 милион евра.

– По реконструкцијата тука ќе бидат сместени повеќе институции кои ќе им бидат на располагање на струмичките граѓани, како што се подрачните одделенија на Управата за имотно-правни работи, на УЈП, на Агенцијата за катастар на недвижности и на Управата за матична евиденција. Сите овие институции ќе бидат на едно место и граѓаните без да шетаат од едно на друго место ќе можат да си завршат работа и да ги извадат потребните документи, рече Груевски.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески истакна дека Проектот за реконструкција и доградба на старата полициска зграда, која ќе биде во владение на Министерството за финансии, е на иницијатива на голем број струмичани и претставува исполнување на ветувањата дадени на изборите.

Објектот, како што рече, не само што ќе го врати поранешниот сјај на овој дел од Струмица, туку ќе ги подобри условите за работа на вработените и ќе овозможи вистинско функционирање на едношалтерскиот систем.

– Објектот е значаен и за 130 вработени кои ќе работат во оваа модерна зграда, изградена по највисоки енергетски стандарди, и кои ќе имаат добар работен простор што сè на сè ќе овозможи да се зголеми нивната мотивација, а таа е битен фактор за подобрување на квалитетот на услугите, рече Ставрески.

Премиерот Груевски имаше средба со жителите на Куклиш, на која тие ја поздравија изградбата на системот за наводнување со кој, како што рекоа, ќе имаат поголеми приноси и помали трошоци.

Жителите од Куклиш ја поздравија и одлуката за земјоделските пензии со носењето Закон со кој се признава стажот, а земјоделските задруги побараа од премиерот и локација за изградба на дистрибутивен центар за земјоделски производи за што, Груевски го задолжи министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски да се ангажира по однос на ова прашање.

На средбата жителите од Куклиш реагираа и на проблемот што го имаат со опожарениот дом за кој иако од советниците беше предлагано да се реконструира, општината и градоначалникот Зоран Заев не го реновираа, а ниту пак изработија проект за реновирање за да добијат средства од Програмата за рурален развој. За овој проблем, иако од страна на Заев жителите добиваа ветување дека ќе биде реконструиран, тоа ветување не е исполнето со години. За овој проблем беше договорено советниците, во рамки на нивните можности, да продолжат со барањата да се реконструира домот.

Земјоделците кои имаа претрпено штети од поплавите, премиерот, по телефонскиот разговор со министерот за финансии Ставрески, ги информираше дека за 15 дена ќе започне исплатата за обесштетувањето. 

Премиерот Груевски попладнево ја продолжува посетата на општини и населени места во струмичкиот регион.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window