Вести|

25 септември 2021, Скопје – Со членството на Република Северна Македонија во НАТО и по усогласувањето на домашното законодавство, компаниите од нашата земја сега имаат можност да учествуваат во постапките за набавките за потребите на НАТО и на земјите членки а вкупната вредност на овие набавки, за кои на ниво на Алијансата е задолжена Агенцијата за поддршка и набавки на НАТО надминува 5 милијарди евра годишно. Ова беше речено на денешната прес-конференција на претседателот на Владата Зоран Заев, на министерката за одбрана Радмила Шекеринска и на заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, по повод промоцијата на Центарот за поддршка на компании при настап на НАТО-пазарот.

Премиерот Заев истакна дека Владата ги направи првите чекори за да го обезбеди рамноправното учество на нашите компании во набавките за НАТО и дека освен обезбедувањето на нашата иднина на безбедносен план, обезбедени се и низа други можности од кои непосредни придобивки ќе има нашата економија, нашите компании, нашите граѓани.

„Сакаме да ги увериме деловните луѓе, стопанските комори и сите други бизнис асоцијации, дека Центарот за поддршка на компаниите при настап на НАТО-пазарот не е само уште една бирократска алка во постапката, туку доверлив партнер со сите информации и знаења за да ви ја олеснат процедурата и да ви помогнат во исполнувањето на условите со цел да учествувате во набавките за НАТО за да станете деловни партнери на најголемата воена алијанса во светот“, нагласи премиерот Заев.

Тоа се потенцијали за дополнително раздвижување на целата наша економија, посочи премиерот, затоа што е широк спектарот за потребите на НАТО за кои се распишуваат набавки, а за огромен дел од тие потреби, во нашата земја има компании што ги нудат тие производи или услуги со конкурентни цени.

Огромни можности се отвораат и за компаниите од информатичко-компјутерската дејност, потенцира премиерот Заев, и тие да бидат изведувачи или подизведувачи на софтверски и други компјутерски решенија за компании како што се Ер Бас Дифенс енд Спејс, Атос Белџм, Ај-Би-еМ Белџм, Вектор Синерџи и други информатички гиганти.

„Ние сме НАТО, и сега, како дел од евроатлантското семејство, сите нејзини земји членки ја прифаќаат Република Северна Македонија како доверлив и достоинствен партнер во најмоќниот воено-безбедносен сојуз на светот и во делот на економската соработка во поддршката на мисијата на Алијансата“, истакна претседателот на Владата Зоран Заев во обраќањето на прес-конференцијата.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска нагласи дека Центарот за поддршка на компании веќе е формиран во Министерството за одбрана и ги повика компаниите да го прифатат предизвикот и да учествуваат на тендерите за набавки за потребите на Алијансата.

„Станува збор за навистина компетитивен пазар којшто не треба да ни претставува пречка, туку да ни биде дополнителен мотив да бидеме подобри, поефикасни и поквалитетни“, истакна министерката Шекеринска.

Таа порача дека поддршката ќе биде суштинска и сеопфатна и ги охрабри домашните компании да се впишат во евиденцијата на економски оператори и да се здобијат со потврда за исполнување на условите за учество во постапките за НАТО набавки.

„Преку Центарот за поддршка на компании ќе им помагаме на компаниите првенствено да извршат регистрација во НАТО агенциите, а потоа да добијат пристап до објавените тендери. Центарот ќе помага со пренесување на научените лекции за успешно аплицирање на тендери, како и за поврзување на македонските компании со светските гиганти кои веќе имаат активни договори со НАТО агенциите, а имаат потреба од добавувачи“, рече министерката и додаде дека процесот на регистрација е едноставен, а сите информации можат да се најдат на веб–страницата на Министерството (Центар за поддршка на компании).

Заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски истакна дека членството во НАТО овозможува безбедносна и политичка сигурност, како и финансиска стабилност и економски просперитет.

„Податоците покажуваат дека економскиот раст на земјите се забрзува просечно за 2 процентни поена ако се спореди периодот пет години пред и по влезот во НАТО. Со влезот во НАТО, безбедносните, политичките и економските услови на РС Македонија се зголемени. Оттука, обврските што произлегуваат од членството во НАТО се ставени како приоритет во владините политики“, потенцира Ковачевски.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window