Вести|

12 октомври 2021, Скопје – Владата на Република Северна Македонија е посветена на спроведувањето реформи во управувањето со јавните финансии. За таа цел беше донесена „Програмата за реформа во управувањето со јавни финансии 2018-2021“, во чии рамки еден од приоритетите е внатрешната контрола. Унапредувањето на внатрешната ревизија и внатрешната контрола останува приоритет и во новата „Програма за реформа во управувањето со јавните финансии 2022-2025“ за која се почнати активности во Министерството за финансии.

Ова го истакна заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски обраќајќи се на отворањето на заедничкиот настан организиран од Заедница за практика на внатрешна ревизија на ПЕМПАЛ (PEMPAL Internal Audit Community of Practice) и Министерството за финансии на Република Северна Македонија.

Алатките, како што истакна, односно прирачниците што се производ на заемната соработка на државите коишто ја сочинуваат ПЕМПАЛ заедницата, значајно ќе придонесат во имплементирањето голем дел од активностите во делот на внатрешната ревизија и внатрешната контрола, коишто ќе бидат дел од новата Програмата за реформа во управувањето со јавни финансии.

„Внатрешните ревизори се една од најзначајните алки во целиот систем на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор. Затоа е потребно во континуитет да се практикува размена на искуства и најдобри практики од работењето, со што ќе се унапредува квалитетот на работењето на внатрешната ревизија, а истото ќе придонесе и за унапредување на менаџерската отчетност и внатрешните контроли“, рече заменик-министерот за финансии Ковачевски.

Воедно, соопшти дека Министерството за финансии започна и активности за основање Академија за јавни финансии, со што ќе се обезбеди стабилна основа за континуирана едукација на јавната администрација од областа на управувањето со јавните финансии, а тоа ќе придонесе за создавање модерна и стручна администрација за обезбедување квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти.

„Со основањето на Академијата за јавни финансии, во иднина се отвораат можности за продлабочување и проширување на соработката со ПЕМПАЛ“, оцени Ковачевски.

Во обраќањето тој ја потенцира одличната долгогодишна соработка и поддршка што ПЕМПАЛ ја дава на Министерството за финансии, за понатамошно успешно практикување на јавната внатрешна финансиска контрола.

На настанот, претставници од Министерството за финансии, од Заедница за практика на внатрешна ревизија на ПЕМПАЛ (PEMPAL IACOP), како и внатрешни ревизори од јавниот сектор дискутираа за системот за внатрешна контрола на Северна Македонија, добрите практики во земјава и искуството на одделот за внатрешна ревизија на МФ, процена на ефективноста на внатрешната контрола и слично.

ПЕМПАЛ е мрежа за олеснување на размената на професионално искуство и пренос на знаење меѓу експертите од областа на финансиското управување во јавниот сектор во Европа и Централна Азија, додека Заедницата за практика на внатрешна ревизија на ПЕМПАЛ (PEMPAL IACOP) има за цел да ги поддржи своите земји членки во воспоставувањето модерен и ефективен систем за внатрешна ревизија коjшто е во согласност со меѓународните стандарди и добрите практики и е клучен за добро владеење и отчетност во јавниот сектор.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window