Вести|

15 октомври 2021, Скопје – Потребно е да се фокусираме на развојот на човечкиот капитал, и тоа не само декларативно туку и суштински, за да ја зголемиме конкурентноста на македонската економија на среден и долг рок. Владата во моментов изработува Стратегија за развој на човечки капитал, којашто треба да овозможи забрзан, инклузивен и одржлив развој. Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими, на состанокот на Конституенцата на ММФ и Групацијата Светска банка, во којашто членува нашата земја, а којшто се одржа во рамки на Есенските средби на ММФ и СБ.

„Луѓето се најзначајниот извор со којшто располагаат земјите. Земјите што дале висок приоритет на развојот на човечкиот капитал остваруваат одлични резултати во делот на растот, вработеноста, како и во намалување на доходовната нееднаквост и во намалување на сиромаштијата. Ние ја делиме истата визија во којашто на луѓето ќе се гледа како на клучен фактор за инклузивен и одржлив развој. Во моментов, работиме на Стратегија за развој на човечки капитал во којашто ќе ја пресликаме таа визија во поврзани меѓусекторски политики и акции што ќе обезбедат подобар и попродуктивен човечки капитал“, истакна Бесими.

Стратегијата за човечки капитал, како што потенцира Бесими, се темели на четири столба: подобрување на квалитетот на услугите во образованието, здравството и социјалната заштита; ставање многу посилен акцент на потребите на ранливите категории; зголемени инвестиции во човечки капитал и истовремено зголемена ефикасност на инвестициите; и зајакнување на управувањето и зајакнување на капацитетите на секторите за човечки развој.

„Инвестирањето во човечкиот капитал е најважниот фактор на долгорочниот економски раст. Второ, инвестирањето во квалитетен човечки капитал и широкиот пристап до квалитетно здравство и образование се вткаени во принципот на еднакви можности. И трето, ни помага и да креираме порамномерна распределба на придобивките од развојот, но и да се зголеми позитивното влијание на другите инвестиции, како на пример, оние во физичката инфраструктура. Овие предности не се случуваат веднаш и затоа посветеноста е особено важна“, рече Бесими.

На состанокот на Конституенцата, воведно обраќање имаше вицепремиерот и министер за финансии на Белгија, Винсент Ван Петегхем кој истакна дека јавните и приватните инвестиции во модерна физичка, дигитална инфрастуктура, обновлива енергија, квалитетно здравство и образование ќе помогнат да се создадат нови работни места, да се зголеми продуктивноста и да се развијат нови генератори на растот.

Ваквите инвестиции, како што потенцира тој, ќе треба да бидат опфатени со структурните реформи во делот на стимулирање претприемништво и иновативност и активни политики на пазарот на труд.

„Во Европа, имплементацијата на Планот на ЕУ за заздравување и отпорност ќе придонесе да се отпочне со потребните политики коишто пак ќе помогнат да се пренасочите од борба со пандемијата до инвестиции и реформи кои на долг рок ќе ја зајакнат економијата на ЕУ“, рече тој.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window