Вести, Интервјуа|

13 ноември 2021, Скопје – Од понеделник во Собранието треба да почне расправата за Предлог-буџетот за 2022 година. Министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за МИА вели дека е важно Буџетот да биде донесен во законски предвидениот рок бидејќи со него се обезбедува непречено финансирање на функциите на државата, силна финансиска поддршка за економско заздравување и забрзан, инклузивен и одржлив економски развој.

Г. министре, Владата го усвои Предлогбуџетот за 2022 година и истиот е веќе доставен до Собранието каде што на 15 ноември е закажана расправа во матичната Комисија за финансирање и буџет. Дали очекувате конструктивна дебата и усвојување на предложената државна каса?

Буџетот е стратешки документ, во кој Владата финансиски ги пресликува приоритетите на кои ќе биде посветена во текот на годинaта и истиот треба да се донесе од страна на Собранието бидејќи тој обезбедува непречено финансирање на функциите на државата, силна финансиска поддршка за економско заздравување и забрзан, инклузивен и одржлив економски развој.

Значајно е да нагласам дека преку Буџетот се обезбедува и навремена исплата на плати, пензии, социјални надоместоци, субвенции, се обезбедува реализација на капитални инвестиции, коишто за 2022 година се планирани на ниво од 37,8 милијарди денари и се повисоки од буџетскиот дефицит. На тој начин се почитува златното правило во јавните финансии, односно планирани се повеќе средства за финансирање на инвестициските проекти, од предвиденото задолжување.

Затоа е особено важно Буџетот да се донесе во законски предвидениот рок. Имено, подготовката и донесувањето на буџетот на државата е пропишано со Закон и во него се наведени прецизни рокови според кои треба да се постапи. Согласно тие рокови, Буџетот треба да се донесе од страна на Собранието најдоцна до 31 декември во тековната година.

Капиталните инвестиции се проектирани на ниво од 37,8 милијарди денари и се повисоки за 27 проценти во однос на Буџетот за 2021 година. Тие за првпат ќе бидат повисоки од буџетскиот дефицит. Зошто се одлучивте на ваков чекор?

Владата е фокусирана на остварување повисок економски раст и подобар квалитет на живот на граѓаните. За да се постигне ова, јасно е дека мора да има повисоки капитални инвестиции, но тие треба да бидат во клучни инфраструктурни области што ќе генерираат раст. Исто така, наша цел е да се поттикне и порамномерен локален и регионален развој со што ќе овозможиме конкурентност на македонската економија на надворешните пазари, но и привлекување странски директни инвестиции во нашата држава при што добрата инфраструктурна поврзаност е клучна во делот на носењето одлуки за инвестиции во една општина или држава.

Притоа, фокусот на капиталните инвестиции се зелената агенда, дигитализацијата, иновациите и технолошкиот развој, развојот на физичката инфраструктура…, но, исто така, продолжуваме и со поддршката на компаниите преку Ковид програми, за што се издвоени 4,6 милијарди денари.

Кај политиката за подобрување на структурата и реализацијата на капиталните расходи, главната цел е зголемување на потенцијалот за раст на домашната економија, зголемување на конкурентноста, привлекување и поттикнување инвестиции преку зголемување на нивото, квалитетот и динамиката на реализација на капиталните расходи.

Важно е дека при реализацијата ќе се водиме од принципот вредност за вложените пари (“value for money”), што значи дека средствата од Буџетот, односно парите на граѓаните, ќе се искористат таму каде што даваат најголеми ефекти при остварување на целите за повисок квалитет на животот.

Со воведеното буџетирање базирано на резултати ќе се постигне подобра ефикасност и ефективност на јавните расходи, преку поврзување на трошоците во јавниот сектор со резултатите што се постигнуваат. На буџетирањето не смее да се гледа како на изолирана иницијатива, туку како на дел од пошироките институционални реформи, чија цел е повисок квалитет на живот на сегашните и идните генерации.

Капиталните расходи во Предлог-буџетот за 2022 година се наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната, железничката, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.

Како позначајни проекти би ги издвоил изградбата на Коридорот 8: делница Тетово – Гостивар (проширување на автопатот), изградба на нов автопат Требеништа – Струга – Ќафасан, изградба на делница Гостивар – Букојчани и Букојчани – Кичево, како и на Коридорот 10: делницата Прилеп – Битола. Дополнително, преку ЈПДП во делот на патната инфраструктура ќе се изготви физибилити студија (студија за изводливост) за изградба на патот Тетово – Призрен.

Воедно, во 2022 година планирано е да заврши реконструкцијата на железничката пруга на Коридор 10, финансирана со заем од ЕБОР. Предвидени се и средства за продолжување на реализацијата на првата и втората фаза од Проектот за изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридор 8: делница Куманово – Бељаковце – Крива Паланка, финансирана од ЕБОР. Покрај со заем од ЕБОР и со грант од инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан, во рамките на Проектот предвидени се и активности за подобрување на техничките карактеристики на пругата, изградба и рехабилитација на мостови, железнички станици, стојалишта, подвозници и надвозници.

Во текот на 2022 година, со заем од Светска банка ќе продолжат активностите за реализација на Проектот за локални патишта, со што ќе се подобри патната инфраструктура на општините во Република Северна Македонија.

Со средства од ИПА ќе се имплементираат проекти за изградба на патната делница Градско – Дреново, како дел од патниот правец на Коридор 10, како и рехабилитација, реконструкција и надградба на постојната патна инфраструктура.

Во областа на енергетската и комуналната инфраструктура и управување со отпад ќе се продолжи со интензивирана динамика на изградбата на водоводните и канализациските системи во општините, финансирано од сопствени извори и со средства од кредитната линија од Европската инвестициска банка (ЕИБ).

Преку Проектот за подобрување на општинските услуги, финансиран од Светска банка, на општините и на јавните комунални претпријатија ќе им се овозможи да финансираат инвестициски зафати согласно своите приоритети во областа на водоснабдувањето и одведувањето отпадни води, управувањето со цврст отпад и други инвестиции во општински услуги што имаат потенцијал за генерирање приходи, односно остварување заштеди или, пак, кои се од висок приоритет за општините.

Во 2022 година, со заем од Светска банка ќе започне да се реализира Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, со кој ќе се финансираат енергетски ефикасни проекти во општините, како и во јавни здравствени установи на централната власт.

Со заеми од ЕИБ и ЕБРД, како и грант од ЕИБ, во 2022 година ќе започне финансирањето на еден од поголемите капитални проекти во земјата, а тоа е пречистителната станица за отпадни води во Скопје.

Со средства од ИПА ќе се поддржи рехабилитација и надградба на колекторскиот систем во Скопје, рехабилитација и надградба на канализациската мрежа и изградба на пречистителни станици во Кичево, Битола и Тетово, како и воспоставување регионален систем за управување со отпад и затворање депонии во Источниот и Североисточниот Регион.

Воедно со Предлог-буџетот за 2022 година е предвидено уредување на технолошко индустриските развојни зони преку изградба на потребната инфраструктура и објекти и геомеханички истражни работи.

За здравствениот сектор, планирани се инвестиции наменети за изградба и реконструкција на јавни здравствени установи, набавка на медицинска опрема и реконструкција на Општата болница во Кичево. Во 2022 година, воедно, ќе продолжи и реализацијата на проектот „Регионална Клиничка болница во Штип“, финансирана со заем од ЦЕБ.

За образованието, детската заштита и спортот проектирани се капитални инвестиции, коишто се наменети за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, изградба на училишни и спортски сали, реконструкција на ученички и студентски домови, опремување и реконструкција на универзитетите и инвестиции во спортска инфраструктура.

Во областа на образованието, со заем од КфВ банката ќе отпочне Проект за реконструкција на студентските домови, а ќе се продолжи и со реализацијата на Проектот за изградба на фискултурни сали во основните училишта и рехабилитација на основните и средните училишта со заем од ЦЕБ и со национално кофинансирање.

За да се подобрат условите за учење во основното образование во земјата, со заем од Светска банка ќе продолжи финансирањето на реализацијата на Проектот за унапредување на основното образование.

Во насока на поддршка на земјоделскиот сектор, предвидени се значителни капитални инвестиции наменети за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства.

Во областа на правосудството, во 2022 година предвидена е реконструкција на казнено-поправните установи.

Во насока на реформи во јавните финансии, подобрување на фискалната рамка, зајакнување на процесот на планирање и извршување на Буџетот на Република Северна Македонија, подобрување на наплатата на приходите, зајакнување на системот на јавни набавки, внатрешна и надворешна контрола и транспарентно известување, во 2022 година ќе се продолжи со активности за подготовка за воведување Интегриран информациски систем за управување со финансии и Интегриран даночен информациски систем којшто ќе се финансира со заем од Светската банка и донаторски средства. Целокупниот процес на реформи во јавните финансии ќе значи воведување на концептот „паметни финансии“ (SMART Finance), стратешки, одржливи, одговорни, реформски и транспарентни, односно јавни финансии што ќе поддржат забрзан економски раст на среден и долг рок, во рамки на фискалната одржливост и макроекономската и финансиска стабилност (Smart Finance for SmartER Growth).

Дел од експертите се согласуваат дека развојната компонента на Буџетот се капиталните инвестиции, но имаат забелешка дека проектираниот дефицит од 4,3 проценти од БДП е висок, а ги загрижува и јавниот долг. Ваш коментар?

Предложениот Буџет за 2022 година според сите карактеристики е развоен буџет, што се гледа од предвидениот историски највисокиот износ на капитални инвестиции во вкупните расходи од 14%. Уште позначајно е што тие се проектирани на износ повисок од буџетскиот дефицит. Поточно, буџетскиот дефицит во 2022 година е проектиран да изнесува 33,5 милијарди денари или 4,3% од планираниот БДП, додека капиталните расходи се проектирани на износ од 37,8 милијарди денари или 4,9% од БДП. Тоа значи дека во 2022 година ќе се позајмува само за реализација на инвестициски проекти.

Планираниот дефицит е во согласност со проекциите утврдени во Фискалната стратегија 2022-2026 година и определбата за фискална консолидација и ја потврдува одржливоста на проекциите, определбата за буџетска дисциплина, редизајн на буџетската потрошувачка преку зголемено учество на капиталните инфраструктурните проекти во вкупните расходи.

Во 2022 година, при зголемени средства за капитални расходи во однос на 2021 година и сѐ уште присутното влијание на кризата од ковид-19, којашто ја наложува потребата од сѐ уште високи буџетски дефицити за да се поддржат погодените компании и ранливите категории, проектираниот буџетски дефицит е понизок за 2,2% од БДП во однос на проектираниот буџетски дефицит за 2021 година.

Појавата на пандемијата предизвикана од ковид-19 и одговорот на кризата ја наметна потребата од дополнителни средства што влијаеше врз зголемување на буџетскиот дефицит, како и на јавниот долг. Тоа беше случај не само во нашата земја, туку и на глобално ниво.

За ублажување на економскиот шок Владата навремено реагираше со донесување повеќе пакети економски мерки, преку таргетирана и времена поддршка со цел заштита на ликвидноста на компаниите, зачувување на работните места и обезбедување социјална заштита за невработените и ранливите домаќинства. Преземените економски мерки предизвикаа зголемување на расходите на државата, а со тоа и зголемени дефицити.

Исто така, важно е да напомнам дека и во услови на криза и во година кога имавме да отплатиме и еврообврзница од 500 милиони евра издадена во 2014 година, како и заеми за реализација на одредени проекти, ние успеавме да го намалиме јавниот долг и заклучно со третиот квартал од 2021 година неговото ниво се сведе на 59,3% од БДП што е под мастришкиот критериум (60% од БДП). Ова ја покажува добро поставената фискална политика и доброто управување со јавните финансии и во време на пандемија.

Како Министерството за финансии цврсто стоиме на заложбата за стабилизирање на долгот и негово позиционирање на ниво до 60% од БДП. Така што на среден рок, односно до 2026 година, проекциите во Стратегијата за управување со јавниот долг се дека тој ќе се стабилизира и ќе се намали на 57,7%, додека државниот долг ќе се сведе на 50,7%. За да се реализира ова, подготвен е Планот за фискална одржливост со којшто се обезбедува постепено стеснување на вкупниот буџетски дефицит од 6,5% во 2021 година на 2,2% во 2026 година. Тоа ќе се постигне преку подобрување на наплатата на буџетските приходи, намалување и реструктурирање на буџетските расходи и промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит. Сето ова, пак, е насочено кон забрзан економски раст, којшто согласно донесениот План за забрзан економски раст, во наредните пет години треба да придонесе за двојно зголемување на стапката на БДП во однос на просекот во изминатите 10 години и од 2,5% просечен годишен раст да имаме стапки на раст на БДП над 5 проценти до 2026 година, како и инвестиции што се проценуваат на 12 милијарди евра. Важно е дека од предвидените, 4 милијарди евра се инвестиции од јавниот сектор, а тие ќе генерираат дополнителни 8 милијарди евра приватен капитал. Концептот е воспоставен на тој начин што не генерира дополнително задолжување и даночни оптоварувања на граѓаните.

Најавивте дека дефицитот и отплатата на долгот ќе се финансираат во комбинација на домашно и странско задолжување, но притоа дека ќе се води сметка за оптимизација на трошоците за позајмување. Како планирате да го реализирате тоа?

Отплатата на проектираниот дефицит за 2022 година во износ од 33,5 милијарди денари и отплатата на долгот во износ од 11,6 милијарди денари ќе се финансираат преку домашно и странско задолжување. Клучно при обезбедување на потребните средства и изборот на финансирање ќе се водиме од тоа да се обезбедат потребните средства под поволни услови и намалени трошоци. Тоа беше постигнато и со издавањето на еврообврзницата во март 2021 година кога беше постигната историски најниска каматна стапка од 1,625%. Исто така, со цел прудентно управување со јавните финансии, ќе ја разгледаме и можноста за активно управување со должничкото портфолио преку операции на предвремен откуп на долг.

Отплатата на главнината по основ на надворешниот долг во износ од 6,1 милијарда денари го вклучува редовното сервисирање на обврските кон странските кредитори, и тоа: ЕБРД во износ од 1,5 милијарди денари, Дојче банка во износ од 1,1 милијарда денари, ИДА во износ од 1,0 милијарда денари, ЕБРД во износ од 1,0 милијарда денари, ЕИБ 0,7 милијарди денари, ЦEБ 0,4 милијарди денари, Јапонска банка за меѓународна соработка во износ од 0,2 милијарди денари, и остатокот од 0,2 милијарди денари кон други билатерални кредитори (ИФАД, КфВ и други).

Задолжувањето во странство може да се реализира преку повторно отворање на постојните еврообврзници на меѓународниот пазар на капитал и преку повлекување средства од поволни кредити од странски финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање одделни проекти.

Отплатата на главнината по основ на домашен долг е во вкупен износ од 5,5 милијарди денари и се однесува на отплати на 2-годишни и 3-годишни државни обврзници во износ од 5,1 милијарда денари и отплата на обврзници за денационализација во износ од 0,4 милијарди денари. Во 2022 година не доспеваат долгорочни обврзници, коишто се со рочности од 5, 7, 10, 15 и 30 години. Домашното задолжување, предвидено на ниво од 26,6 милијарди денари, ќе се обезбеди преку задолжување со ДХВ и домашен заем, при што со цел оптимизација на портфолиото на ДХВ, a во насока на намалување на ризикот за рефинансирање, основна заложба ќе биде и зголемување на рочноста на портфолиото на ДХВ.

Исто така, меѓу изворите за финансирање, Министерството за финансии првпат во независната економска историја воведува нови видови финансиски инструменти и тоа: развојни, зелени, проектни обврзници и обврзници индексирани со инфлацијата коишто се дел од Планот за забрзан економски раст.

Во наредниот среднорочен период, фискалната политика ќе продолжи кон понатамошна консолидација на јавните расходи, поттикнување на економската активност преку капиталните расходи и инфраструктурните инвестиции, подобрување на условите за водење бизнис и отворање нови работни места. Истовремено, ќе се продолжи со определбата за спроведување дисциплинирана буџетска потрошувачка со акцент на рестриктивност и контрола на помалку продуктивните трошоци за сметка на зголемување на инвестициските вложувања во капитални проекти. Утврдените основни постулати на фискалната политика во наредниот период предвидено е да обезбедат фискална консолидација со постепено намалување на нивото на дефицитот.

Даночните приходи се планирани на ниво од 136,5 милијарди денари и се зголемени за 10,2 процента во однос на 2021 година. Од каде ќе се соберат овие пари?

За 2022 година, вкупните приходи со Предлог-буџетот се планирани на ниво од 238,9 милијарди денари и тие се за 7,4 проценти повисоки од проценетите приходи годинава. Проекциите за приходите на Буџетот за 2022 година се базираат на реализација на приходите во 2021 година, очекувањата за економскиот раст, како и активностите за подобрување на ефикасноста и ефективноста на системот за наплата на јавните приходи.

Како што посочувате, кај даночните приходи за 2022 година коишто се планирани во износ од 136,5 милијарди денари има зголемување за 10,2% во однос на 2021 година. Најголемо учество во структурата на планираните даночни приходи има ДДВ и тоа 45,6%, а на акцизата отпаѓаат 21,2%. Притоа сакам да истакнам дека ваквото зголемување е предвидено и покрај тоа што имаме воведено втора повластена стапка од 10% кај угостителските услуги, повластена стапка на ДДВ за електричната енергија за домаќинствата, како и отстапување на дел од акцизата од нафтени деривати кон Јавното претпријатија за државни патишта од 30% (наместо досегашните 20%).

Вака проектираните зголемени приходи ќе се остварат преку подобрување на постојната даночна регулатива, намалување на даночната евазија, воведување напредни технологии, модернизација и автоматизација на работните процеси, зајакнување на капацитетите на институциите за прибирање приходи, зголемена и поефикасна наплата на даночните приходи, како и зајакнување на институционалната координација.

Главната цел на даночната политика е обезбедување одржлив економски раст и развој, притоа обезбедувајќи правна сигурност за даночните обврзници и редовна наплата на јавните приходи.

Исто така, во Предлог-буџетот за 2022 година планирано е околу 19,2 милијарди денари да се остварат по основ на неданочни приходи и 3,3 милијарди денари како капитални приходи по основ на продажба на земјоделско земјиште и општествени станови, како и по основ на планирана дивиденда од АД „Македонски Телеком“. Социјалните придонеси, како изворни приходи на фондовите за пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување и на Агенцијата за вработување, се планирани во износ од 74,4 милијарди денари или за 7,5% на повисоко ниво во однос на 2021 година. По основ на донации предвидени се 5,6 милијарди денари кои буџетските корисници е планирано да ги реализираат на сметките за сопствени приходи за конкретни проекти, како и повлекувањата од претпристапните фондови на ЕУ.

Инфлацијата е проектирана на 2,4 проценти. На што ги темелите ваквите очекувања имајќи предвид дека глобално има енергетска криза и пораст на цените на светските берзи?

Стапката на инфлација во првите девет месеци од 2021 година изнесува 2,8%. Растот на потрошувачките цени е регистриран кај речиси сите категории производи, при што позначителен е растот кај храната од 2,4%, кај тутунските производи од 6,4%, кај горивата од 13,0% и кај електричната енергија од 5,7%, иако цените на енергијата во последните 2 месеца забележуваат забавен раст поради исцрпување на преносниот ефект од зголемувањето на цената со одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Клучно е дека инфлацијата е движена главно од растот на цените на храната и енергенсите, поради ценовни притисоци предизвикани од надворешни фактори.

Во насока на ублажување на последиците од оваа енергетска криза, којашто е со пошироки размери и не ја опфаќа само РС Македонија, се преземаат соодветни чекори. Веќе е прогласена кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија и се преземаат мерки и активности насочени кон обезбедување дополнителни количини електрична енергија, вклучително и балансна енергија и резерва на активна моќност согласно утврдената кризна состојба согласно Законот за енергетика и Уредбата за критериумите и условите за прогласување кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазарите на електрична енергија, начинот на снабдување со електрична енергија во кризна состојба, мерките што се преземаат во случај на кризна состојба, како и правата и обврските на носителите на лиценци за вршење електроенергетски дејности. Согласно тоа, веќе се обезбедени 4 милијарди денари од Буџетот во 2021 година и префрлени се на АД Електрани на Северна Македонија, за обезбедување дополнителни количини електрична енергија, вклучително и балансна енергија и резерва на активна моќност. Дополнително, за заштита на најранливите категории граѓани, Министерството за труд и социјална политика, во координација со Министерството за економија, е задолжено да подготви мерки за поддршка на социјално ранливите категории за да користат дополнителни средства за заштита од енергетска сиромаштија. Ваква мерка веќе се спроведува и имаме 45.622 корисници од ранливи категории кои добиваат 1000 денари додаток за покривање на трошоците за греење. Ито така, мерка што е веќе донесена и се спроведува, а беше во насока токму на заштита на стандардот на граѓаните, е намалувањето на ДДВ кај електричната енергија од 18% на 5% за домаќинствата.

Состојбата се следи и важно е дека сѐ што се презема е во насока на обезбедување доволни количества електрична енергија и ублажување на ценовниот ефект. Во периодот што следи се очекува стабилизирање на ценовните движења на примарните производи и на електричната енергија на светските берзи. Порастот на цените на примарните производи и на енергијата се очекува да се стабилизира најдоцна до средината на наредната година, така што и стапката на инфлација е проектирана на 2,4 %.

Нови инструменти што првпат ќе се применат се развојните, проектните и зелените обврзници, како и обврзниците индексирани со инфлација. Тоа се инструменти што ги има во Планот за забрзан економски раст. Кои се очекувањата од овие обврзници?

Развојните односно обврзниците индексирани со инфлација, зелените и проектните обврзници имаат за цел постојано унапредување на финансискиот пазар на државни хартии од вредност, при што ја следиме светската практика.

Станува збор за иновативни механизми и инструменти со коишто може да се обезбеди финансирање и подобрување на ефикасноста при реализација на проектите.

Еден од овие инструменти е и обврзница индексирана со инфлацијата со чиешто издавање се очекува привлекување на расположливите средства на граѓаните.

Обврзниците индексирани со инфлацијата (inflation-indexed bonds) ќе бидат нов вид на долгорочни државни хартии од вредност издадени од Министерството за финансии. Тие ќе бидат индексирани со стапката на инфлација со цел да ги заштитат инвеститорите од пад на куповната моќ на вложените средства. Доколку расте стапката на инфлација, цената на обврзниците се приспособува за да се одржи нивната вредност.

Овие развојни обврзници, воедно, имаат за цел унапредување на пазарот на државни хартии од вредност, со што ќе се поттикне финансирањето на развојните проекти во земјата, а со тоа ќе се овозможи раздвижување на финансиските пазари во Република Северна Македонија. Овој тип финансиски инструмент, што ќе биде поврзан со инфлацијата, ќе носи одреден купон и истиот ќе биде првично наменет за населението односно за физичките лица, со можност да биде достапен и за банките, пензиските фондови и другите учесници на финансискиот пазар.

Зелените обврзници ќе бидат наменети за поттикнување и поддршка на проекти за унапредување и заштита на животната средина и се специјално наменети за финансирање еколошки проекти. За разлика од постојните обврзници, зелените обврзници ќе се користат само за инвестициски проекти или за зелен развој и ќе бидат наменети за капитални инвестиции. Воведувањето на овој инструмент, на среден рок ќе помогне во развојот на финансискиот пазар.

Проектните обврзници, пак, ќе претставуваат алтернативен начин за финансирање проекти поврзани со инфраструктура. Истите ќе нудат можност институционалните инвеститори да учествуваат во инфраструктурни проекти преку котирани хартии од вредност што можат да се тргуваат и што можат да понудат супериорни приноси приспособени на ризикот.

Новите инструменти и механизми коишто ќе се воведат имаат за цел мобилизирање приватен капитал и зголемување на инвестициите во државава што ќе резултира со забрзан раст на економијата.

Клучено е дека со овие инструменти ќе им биде дадена можност на нашите граѓани од дијаспората што ги чуваат своите пари во банките во развиените земји, каде што каматата е скоро нула, да ги инвестираат во обврзница врзана со некој проект. Со тоа ќе можат да инвестираат и во развојот на нивната држава, а притоа парите им се гарантирани и добиваат приход поголем од оној што им го даваат банките во развиените земји.

Со Планот за забрзан економски раст 2022-2026 година планирате економски раст до 5 проценти и намалување на јавниот долг под 60 проценти од БДП до 2026 година. Инвестициите се околу 12 милијарди од кои четири милијарди се јавни пари и со нив треба да се генерираат дополнително уште осум милијарди од приватни инвеститори. Како планирате да го реализирате тоа?

Соочувајќи се со новата реалност како резултат на предизвиците од пандемијата, со цел закрепнување и обновен напредок, во ова време на крупни промени, ние, како Влада, сме насочени кон реализација на Планот за забрзан економски раст (“Growth Acceleration Plan”), како генерална рамка којашто се состои од сите елементи што би можеле да придонесат за подобро искористување и зголемување на потенцијалот за раст на среден рок. Покрај тековните активности што ги утврдивме, предлагаме иновативни начини за финансирање на инвестициите, за користење на сите достапни средства од официјалните кредитори и, конечно, да ги искористиме сите можности за мобилизирање на приватните инвестиции.

Приватните извори на финансирање ќе се поттикнат со јавните извори на финансирање и со широка палета конвенционални и иновативни механизми и инструменти за финансирање. Поттикнувањето на приватните инвестиции ќе биде помогнато преку јавни приватни партнерства (ЈПП), приватизација на несуштински сегменти на јавните претпријатија, новоформирани инвестициски фондови, повторно искористување средства, подобра реализација на капиталните расходи преку механизмот КАПЕФ, итн.

Проценетите комбинирани ефекти од Планот за забрзан економски раст изнесуваат 12 милијарди евра инвестирани во проекти дизајнирани и спроведени од страна и на јавниот и на приватниот сектор. Со Планот особено ќе се поддржат еколошки и климатски проекти, иновации и иницијативи за поправедно општество, на тој начин олеснувајќи ја транзицијата кон нискојаглеродна, конкурентна, циркуларна и одржлива економија. Исто така, ќе настојуваме што повеќе граѓани да уживаат во придобивките од тој раст, односно истиот да биде инклузивен.

 

Извор: Медиумска информативна агенција

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close Search Window