Вести|

3 јануари 2022, Скопје – Во Буџетот за 2021 година е остварена реализација на вкупните приходи за 15,3% повеќе во споредба со 2020 година, додека кај капиталните расходи е забележан раст на реализацијата од 45,2% во однос на 2020 година. Натфрлање над планираното е забележано кај приходите од даноци и придонеси за 2%, додека дефицитот е реализиран во износ од 38,8 милијарди денари или 5,4% од БДП, којшто е понизок од проектираниот за 2021 година од 6,5% од БДП.

„Испративме година што ја завршивме со позитивни движења во економијата иако сè уште беа присутни влијанието од кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19, притисокот врз цените на светските берзи што се чувствуваше и во нашата економија, како и енергетската криза“, вели министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Мерките и севкупните политики што ги спроведовме придонесоа 2021 година да ја завршиме со економски раст од 4,1% кој е во согласност со проекцијата за растот на БДП и можност истиот да се надмине. Економијата во првите девет месеци од 2021 година достигна раст од 4,6%. Индустриското производство во ноември забележа раст од 4,7%, извозот во периодот јануaри – октомври има раст од 22,8%, финалната потрошувачка раст од 4,5%, бруто-инвестициите забележаа реален раст од 3,4% во првите девет месеци, невработеноста падна на историски најниско ниво од 15,7%, додека просечната нето-плата исплатена во октомври забележа раст од 4,5% во однос на октомври претходната година.

Овие движења се рефлектираа во успешната реализација на проектираните приходи во Буџетот, така што во 2021 година имаме натфрлување во реализацијата на даночните приходи и придонесите кои заклучно со 31 декември достигнаа ниво од 102% од планираното со ребалансот во јуни 2021 година, кога истите беа нагорно ревидирани во однос на почетниот Буџет, и тоа за 5% даночните приходи, а за 1,3% придонесите.

Приходите од даноци и придонеси во 2021 година имаат реализација од 196.309 милиони денари, што во споредба со 2020 година е зголемување од 13,2%. Кај даночните приходи најголемо натфрлување има кај ДДВ од 7,3% или остварена е реализација на ниво од 107,3%, односно по овој основ во Буџетот се слеани 58.194 милиони денари. Од персонален данок на доход слеани се 20.552 милиона денари и истиот е реализиран со 98,86% од планираното. Кај ДДВ има 24,1% повеќе остварени средства во однос на 2020 година, додека кај персоналниот данок на доход има раст од 10,3%.

Вкупните расходи се реализирани на ниво од 257.353 милиони денари или 95,87% од планираното и бележат раст од 5,7% во споредба со 2020 година. Притоа кај капиталните инвестиции во 2021 година се бележи повисока реализација за 45,2% споредено со истиот период претходната година. Односно, во 2021 година реализацијата на капиталните инвестиции е на ниво од 23,4 милијарди денари што претставува реализација на 79% во однос на планираните средства. Значајно е дека реализираните инвестиции во 2021 година се на највисоко ниво во апсолутен износ. Ова дава оптимизам за реализирање големи капитални проекти планирани во Планот за забрзан економски раст 2022-2026, но и за реализација на планираните капитални инвестиции во 2022 година, кои се на историски највисоко ниво досега со учество од 14% во вкупните расходи.

Капиталните расходи во 2022 година се проектирани на износ од 38,2 милијарди денари, што е за 28,3% повеќе во споредба со 2021 година. Предвидени се крупни јавни инвестициски зафати во областите на патната и железничката инфраструктура, дигитализацијата, енергетиката, како и зелениот развој. Меѓу позначајните проекти се изградбата на автопатот на Коридорот 8, изградба и рехабилитација на железничката инфраструктура од коридорите 8 и 10, гасоводна инфраструктура на магистралните делници Скопје – Тетово, Гостивар – Кичево, Свети Николе – Велес, како и интерконективен гасовод со Република Грција и други.

Во 2022 година останува посветеноста кон грижата за заштита на здравјето на граѓаните, економското заздравување и забрзување на растот и зголемување на инвестициите при истовремена фискална консолидација, непречено финансирање на основните функции на државата, како и поддршка на реформските процеси во правосудството и евроатлантските интеграции.

Сите политики во оваа година ќе бидат насочени кон постигнување стапка на БДП којашто ќе го надмине нивото од пред ковид-кризата, односно растот на БДП е проектиран на ниво од 4,6%, воден од порастот на бруто-инвестициите од 8,5%, зголемена извозна активност од 8,1%, зголемена потрошувачка и вработеност со по 3,1%, што ќе доведе до целосно заздравување на економијата и започнување период на забрзан раст од над 5% годишно.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window