Вести|

30 јануари 2022, Скопје – Министерството за финансии утре и задутре (31 јануари и 1 февруари) е домаќин на владина делегација од Република Бугарија предводена од министерот за иновации и раст, Даниел Лорер, кој заедно со министерот за финансии, Фатмир Бесими ќе копретседава со првиот состанок на Работната група за економија, трговија и иновации.

На состанокот во Скопје, Работната група ќе ги разгледа можностите за привлекувањето инвестиции, иновациските можности, финансирањето проекти, зголемување на трговската размена меѓу двете земји, како и приоритетите за развој на регионот, области во кои може да се развиваат заеднички проекти и слично.

Пред присутните ќе бидат претставени Планот за забрзан економски раст со осврт на финансиските инструменти, стратешките програми за иновации, индустриска политика и конкурентност, презентации на работата на фондовите за иновации и технолошки развој на двете земји, работата на Националниот стартап совет, како и програмите за работа и можностите што ги нудат развојните банки на двете земји, Извршната агенција за промоција на мали и средни претпријатија од Република Бугарија и Агенцијата за промоција на претприемништвото на РС Македонија, како и програмите за рурален развој на РС Македонија и Република Бугарија.

Меѓувладината работна група беше формирана минатата недела во Софија, за време на одржувањето на меѓувладината седница. Работната група на средбата во Софија ги утврди приоритетите на работа и динамиката на одржување на состаноците, согласно која ќе се состанува еднаш месечно. Нејзините активности ќе бидат насочени кон зајакнување и интензивирање на економската соработка во сферите на трговијата, инвестициите, иновациите, финансиите и заеднички настап во ЕУ програмите и фондовите, како и соработката со економските комори.

На состанокот во Скопје, од македонска страна, покрај министерот за финансии Фатмир Бесими, учество ќе земат и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши, заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, како и директорите на Развојната банка на Северна Македонија Кире Наумов, на Фондот за иновации и технолошки развој Фестим Халили и на Агенцијата за странски инвестиции Беким Емини. Од делегацијата на Република Бугарија, којашто е предводена од министерот за иновации и раст Даниел Лорер, учество ќе земат и заменик-министерот за финансии Андреј Цеков, заменик-министерот за земјоделство Атанас Добрев, директорот на Извршната агенција за промоција на мали и средни претпријатија Бојко Таков, директорот на Бугарската банка за развој Валентин Михов и други претставници на институции.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window