Вести|

11 февруари 2022, Скопје – РС Македонија и Грција со заеднички чекори ќе работат на унапредување на економската соработка и трговската размена, како и на заштита на инвестициите. Ова е заклучокот од средбата на министерот за финансии, Фатмир Бесими со заменик-министерот за економска дипломатија на Република Грција, Костас Фрагогијанис, којшто е во посета на РС Македонија.

На средбата беа истакнати приоритетните проекти меѓу двете земји, на кои се работи, и тоа во областа на инфраструктурата и енергетиката, потоа напредокот во активностите за потпишување билатерален договор за поттикнување и реципрочна заштита на инвестициите и договор за одбегнување на двојното оданочување, како и за процесот на пристапување на РС Македонија во ЕУ.

Владата на РС Македонија презема активности за реализација на проектот за изградба на интерконективниот гасовод до Грција, проценет на 57,8 милиони евра, за кој се веќе обезбедени средства од Европската инвестициска банка во износ од 28,9 милиони евра, од ВБИФ е добиен грант во износ од 9,9 милиони евра коишто ќе бидат искористени за финансирање на градежните работи, а грант во износ од 2,6 милиони евра ќе биде наменет за техничка помош при спроведувањето на проектот, подобрување на комуникацијата и видливоста на проектот, како и за евалуација и ревизија на проектот. Преостанатите 16,5 милиони евра ќе се обезбедат од ЕБОР за што Владата во наредниот период ќе поднесе посебен Предлог-закон за гаранција.

Проектот за изградба на гасоводот е еден од најприоритетните проекти од стратешко значење за нашата земја, а неговата реализација ќе обезбеди стабилност во снабдувањето со енергија, пред сè во индустријата, што ќе придонесе за обезбедување забрзан и одржлив економски раст и подобар квалитет на живот за граѓаните.

Исто така, со финансиски средства од ИПА фондовите во тек е реализацијата на проектот за модернизација на граничните премини меѓу РС Македонија и Грција, којшто ќе придонесе за поголема функционалност, забрзан проток и зголемен квалитет на услугите за корисниците на граничните премини.

Инаку, трговската размена со Грција бележи раст од 48,7 проценти за периодот јануари – ноември 2021 година во однос на истиот период минатата година, со остварена вредност од 838,8 милиони евра. Странските директни инвестиции, од 2011 година до сега, изнесуваат 152,4 милиони евра.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window