Вести|

17 февруари 2022, Скопје – Финансиите се стабилни и во наредниот период ќе се земаат предвид сите ризици за да тие останат на стабилно ниво. Буџетот е доволно ликвиден и реализацијата на приходите во него, иако сме на почеток на годината, е согласно проекциите.

Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими во интервју за Топ тема на ТВ Телма, осврнувајќи се и на новите инструменти што ќе бидат понудени за да се финансираат предвидените проекти преку развојни, проектни и зелени обврзници, како и обврзница индексирана со инфлација којашто е наменета пред сè за граѓаните за да се мотивираат да инвестираат, а и за да се намали сивата економија преку повлекување кеш или заштеда, а сето тоа во рамки на законските решенија. Тоа е предвидено во рамки на домашното задолжување, додека за задолжување во странство министерот посочи дека во Буџетот е предвидено издавање еврообврзница од 250 милиони евра, за која се следат состојбите и истата ќе биде издадена, како и претходната година, кога на пазарот ќе има најповолни услови.

Средствата од задолжувањата ќе одат за капитални проекти, така што и овие обврзници се наменети конкретно – проектните за одредени проекти, развојните за капитални проекти и зелената за проекти за зелен развој.

Во однос на барањата за зголемување на платите на администрацијата, што е барање на синдикатите за да се усогласат со зголемувањето на минималната плата, како и за барањето за зголемување на пензиите, рече дека Владата има слух и дека преку дијалог со вклучените страни ќе се дојде до одржливо решение, како што беше направено и со зголемувањето на минималната плата.

„Дијалогот со синдикатите за ова прашање е тековен процес и постојано се разговара. Се разговараше за минималната плата и се дојде до решение кое ќе се применува како во приватниот, така и за вработените во јавниот сектор. Ќе седнеме во наредниот период и ќе ги видиме можностите, но на прашањето треба да гледаме реално и од аспект на продуктивноста. Во овој момент не можам да кажам ниту дали ќе има зголемување, ниту дека ќе нема. Она што можам да го кажам е она што е планирано, а тоа е проектиран дефицит од 4,3% од БДП и ако не го оствариме проектираниот раст од 4,6%, а го реализираме Буџетот целосно, тоа ќе значи дека ќе имаме поголем дефицит и дополнително зголемување на инфлацијата“, рече министерот и потенцира дека не се сите механизми исцрпени, а дека штрајкот е последно решение.

Според него треба да се дојде до издржано решение, како во однос на прашањето за платите, така и за барањето за зголемување на пензиите.

Во однос на прашањето за пензиите посочи дека и тоа ќе се решава преку дијалог со претставници на пензионерите и дека и тука ќе се оди со одржливо решение преку промена на методологијата.

„Работиме на различни сценарија. Се прават анализи за промена на методологијата за да се најде системски одржливо решение, со штоќе дојде до подобрување на продуктивноста во економијата и со тоа да има раст и на пензиите“, рече министерот Бесими.

Посочи на мерките што ги презема Владата за справување со енергетската криза и дека сите мерки се насочени кон тоа да нема голем пораст на цената на електричната енергија на регулираниот пазар, како и на основните прехранбени производи кои забележуваат раст под влијание на растот на цените на светските берзи. Исто така укажа на очекувањата дека состојбата со растот на цените ќе се стабилизира во вториот квартал од годината, дека нашата проекција на инфлацијата е 2,4% во моментов, но дека зависно од тоа како ќе се движат цените, таа може да биде и повисока.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window