Вести|

19 февруари 2022, Скопје – Агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава, ББ- со стабилен изглед. Стабилниот изглед, ги рефлектира очекувањата дека силните изгледи за економски раст на нашата држава ќе ги поддржат напорите на Владата за буџетска консолидација и ќе овозможат стабилизирање на државниот долг на среден рок. Кредитниот рејтинг ББ- со стабилен изглед РС Македонија го има од 2013 година во континуитет, и особено е значајно дека и во текот на 2020 и 2021 година, кога земјата се соочуваше со влијанието од здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата на ковид 19, не е променет.

Агенцијата нотира дека рејтингот може да се зголеми доколку продолжат напорите за структурни реформи, зајакнување на институционалните капацитети при истовремена консолидација на одржливите фискални политики.

Напорите за пристапување на нашата држава во ЕУ ќе придонесат за зајакнување на институционалната рамка, а новите влади на Република Северна Македонија и Република Бугарија внесоа позитивна динамика во преговорите за пристапување кон ЕУ, се истакнува во извештајот.

Според „Стандард и Пурс“, економијата на РС Македонија го достигна своето предпандемиско ниво. Двигатели на растот ќе останат силната приватна потрошувачка поддржана од приспособливата монетарна политика, растот на платите и приливот од дијаспората, како и инвестициите.

Со Планот за забрзан економски раст, зголемувањето на инвестициите е еден од клучните приоритети на Владата, а ќе се опфатат различни сектори, вклучително образованието, транспортот, енергијата, патната и здравствената инфраструктура. Значајни проекти се Коридорот 8 и Интерконективниот гасовод Северна Македонија – Грција, се вели во извештајот.

Како што е наведено, и покрај контракцијата предизвикана од пандемијата извозот силно закрепна благодарение на големата надворешна побарувачка, особено од клучните трговски партнери во ЕУ.

Од Агенцијата посочуваат дека постепеното економско закрепнување и мерките на Владата помогнаа стапката на невработеност во третиот квартал од 2021 година да се намали на 15,7 отсто од 16,5 проценти колку што изнесуваше во истиот период 2020 година.

Во однос на долгот, „Стандард и Пурс“ очекува истиот да се стабилизира на 56-57 проценти од БДП на среден рок. Буџетскиот дефицит се проценува дека изнесува 5,5% од БДП во 2021 година, што е пониско во однос на проектираните 6,5 отсто во Буџетот за 2021 година. Ова се должи на повисокиот номинален раст на БДП, како и на солидните перформанси на приходите.

Кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во неа, и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window