Вести|

9 март 2022, Скопје – Република Северна Македонија има значајна поддршка од Светска банка во спроведување на клучните реформи. Има спроведено над 60 проекти во вредност од над 2,8 милијарди американски долари и активно работи на девет проекти со вкупен износ од 480,8 милиони американски долари, коишто се фокусирани во областа на енергетиката, дигитализацијата, инфраструктурни проекти, проекти во образованието и слично. Значајна е поддршката добиена од оваа меѓународна институција и во справувањето со здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата на ковид-19. Динамиката на реализација на проектите и можностите за нивно забрзување беа тема на денешниот состанок на министерот Фатмир Бесими со регионалната директорка за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер и со директорот на СБ во земјава, Масимилијано Паолучи.

Соработката со оваа меѓународна финансиска институција се темели на Стратегијата за партнерство на РС Македонија со Светска банка, којашто е посветена на енергетската ефикасност, дигитализацијата, подобрување на патната и железничката инфраструктура, на општинските услуги, проекти во образованието, социјалните услуги и слично.

Со поддршка од Светска банка се имплементираат девет проекти што се однесуваат на воспоставување Интегриран финансиски систем за управување со информации – ИФМИС и Интегриран даночен информациски систем – ИТИС, потоа за модернизација на земјоделството, за унапредување на основното образование, за администрирање на социјалното осигурување, за поврзување локални патишта, за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, за унапредување на социјалните услуги, за надградба и развој на патиштата – делница Ранковце – Крива Паланка, за подобрување на општинските услуги, како и за справување со пандемијата на ковид-19 во Северна Македонија.

На средбата беше укажано на потребата од преземање активности за забрзување на динамиката за реализација на проектите, за што беше изразена подготвеност од двете страни.

Во контекст на актуелната состојба со енергетската криза и растот на цените на енергенсите, особено по настаните во Украина, беше посочено на мерките што се преземаат за справување со енергетската криза и се упати на значењето на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор во вредност од 25 милиони евра којшто има за цел е намалување на потрошувачката на енергија во јавниот сектор преку енергетско ефикасни инвестиции во општините.

Беа истакнати мерките што се преземени од страна на Владата во насока на заштита на животниот стандард и да се влијае да нема висок раст на цените на енергенсите, како и за пензиските реформи со утврдената нова Методологија за пресметка на пензиите што треба да започне да се применува од октомври оваа година, а со која се обезбедува системско и одржливо решение за раст и исплата на пензиите.

Министерот потенцира дека како и за време на пандемијата, кога создадовме и имплементиравме пакети-мерки за поддршка, Владата има проактивен однос и за енергетската криза, при што се следат состојбите и веќе се работи на дизајнирање мерки.

Влијанието од судирите во Украина се прелева во другите земји. Светска банка и ММФ работат на процена на економското и финансиското влијание на конфликтот и бранот бегалци во останатите региони. Светска банка е свесна за потребите во регионот што произлегуваат од случувањата во Украина и постои подготвеност да се помогне со ново финансирање, како и реструктурирање на постојните активности.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window