Вести|

11 март 2022, Скопје – Измени на Уредбата со којашто се утврдува надоместокот за приватизација на градежно земјиште донесена во 2011 година, а согласно која се плаќа надоместок од 438 денари за земјиште со комерцијална намена, најави министерот за финансии, Фатмир Бесими.

На гостувањето во емисијата „Утрински брифинг“, одговарајќи на прашање во врска со случајот со приватизацијата на земјиштето спроти „Нова Македонија“, појасни дека за случајот дознал од медиумите и дека е направена комплетна проверка на целиот процес, кој, пак, го води и одлука за приватизацијата на земјиштето носи Управата за имотно–правни работи.

„Не станува збор за продажба на земјиште, туку за приватизација на земјиште. Процесот на продажба се врши согласно законски прописи преку општина, а приватизацијата на земјиштето се врши врз основа на Закон за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост преку Управата за имотно-правни работи, а надоместокот што се плаќа за приватизацијата е утврден со Уредбата на Владата за висина на надоместокот за приватизација на градежно земјиште од 2011 година“, рече министерот.

Тој истакна дека не само во овој случај, туку и во други случаи откако е донесена оваа уредба, се спроведени и други вакви приватизации. „Набрзо ќе се направи промена во Уредбата и ова ќе биде последен случај во кој по оваа цена е приватизирано земјиште. Со промената ќе има пореални цени“, потенцира министерот Бесими.

Исто така, тој наведе дека иако постапките се изведени согласно закон, постои етика и морални норма и ги повика сите што ја искористиле ваквата можност во минатото во контекст на општествена одговорност да направат инвестиција од јавен интерес.

Упати на тоа дека се започнати многу активност за да се подобри транспарентноста и дека една од нив е носењето на новиот Закон за буџети, којшто е во собраниска процедура повеќе од една година, а во кој дополнително се регулира управувањето со финансиски средства и земјиште во државна сопственост.

Во интервјуто министерот говореше и за новиот пакет-мерки што го усвои Владата за заштита на животниот стандард на граѓаните и поддршка на ликвидноста на стопанството, од влијанието на растот на цените на основните прехранбени производи и енергенсите поради ситуацијата во Украина. Предлог законите што се однесуваат на мерките за намалување на ДДВ и акциза кај енергенсите и ДДВ кај основните прехранбени производи се доставени во Собранието и министерот очекува нивно брзо усвојување.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window