Вести|

17 април 2022, Скопје – Платите во образованието треба да растат, а и во изминатите години веќе имаше неколку покачувања. Треба да растат и платите во здравството, правосудството, одбраната, безбедноста, но треба да се испорача и економски резултат, да бидеме свесни за глобалната ситуација и економијата да застане на здрави нозе, порачува во својата најнова колумна министерот за финансии, Фатмир Бесими, во која пишува за продуктивноста, платите и човечкиот капитал.

„Како што беше најавено од страна на Владата, после состанокот со синдикатите од образовниот сектор, во наредните денови ќе следат решенија што ќе бидат во интерес на изнаоѓање одржливо решение за подобар стандард на наставниците. Во исто време, тоа треба да биде проследено со реформи што ќе значат поквалитетно образование, повеќе знаење за учениците и студентите, односно унапредување на човечкиот капитал, а на тој начин и зголемување на продуктивноста и одржлив економски раст што ќе доведе до повисок животен стандард на граѓаните“, пишува министерот.

Во колумната, Бесими наведува резултати од системска анализа на Светска банка, во која се нотира дека 11 години од предучилишно, основно и средно образование, според квалитетот на наученото, е еквивалентно на само 7,3 години во развиените земји.

„Она што понатаму треба а и веќе нè загрижува секако е човечкиот капитал, односно идните генерации – нашите деца. Тие и досега неоправдано губеа по 3,7 години во училишните клупи – да не дозволиме дополнително да губат и од ова. Од нивната идна продуктивност ќе зависи иднината на нашата економија, па и пензиите. Градењето солиден и здрав систем каде што сите додаваме вредност е единствениот систем што може да ни донесе просперитет и подобар животен стандард. Сите да работиме за да направиме нешто подобро, а резултатите и наградите ќе дојдат неминовно. Притоа сите подеднакво треба сериозно да си ја сфатиме задачата“, истакнува министерот во својата колумна.

Во однос на платите, Бесими пишува дека Владата создала реален систем за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и со 50% од растот на трошоците за живот, а поставен е и репер со кој висината на минималната плата нема да може биде пониска од 57% од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика, како во јавниот така и во приватниот сектор.

„Нашата посветеност како Влада е да има раст на платите и во приватниот и во јавниот сектор. Ако во приватниот сектор пазарот го утврдува нивото на плати, согласно понудата и побарувачката на трудот, како и неговата продуктивност, тоа треба да го следи и јавниот сектор. Од друга страна, тој треба да биде ефикасен и да обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и стопанството, кое, пак, треба да биде конкурентно и да постигне повисоко ниво на економски раст, а со тоа да се зголеми и доходот и да се подигне животниот стандард и квалитет на живот на граѓаните. Со други зборови, платите во јавниот сектор треба да ја следат продуктивноста во приватниот сектор и да придонесат преку зголемување на нивниот квалитет“.

Министерот додава дека во економската теорија секое зголемување на платите без притоа да нема зголемена продуктивност ќе предизвика инфлаторни притисоци, што во услови на ценовни притисоци може дополнително да ја подгрее инфлацијата.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window