Вести|

21 мај 2022, Скопје – Нови, дополнителни 76 милиони евра во случај да се јави потреба од нови мерки за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка за фирмите, дополнителни 52 милиона евра за земјоделците, покачување на пензиите и платите на наставниците, како и субвенции за покачување на минималната плата се обезбедуваат со ребалансот на Буџетот, усвоен од Владата, а кој го презентираше во јавноста министерот за финансии Фатмир Бесими.

Вкупните приходи со ребалансот се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и истите се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9% повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Вкупните расходи се планирани на ниво од 288,5 милијарди денари или за 5,9% повисоки, односно за околу 16,1 милијарда денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Поточно, 24,2 милијарди денари се дополнителни расходи, од кои 4,2 милијарди денари за зголемување на пензиите што ќе се реализира од ПИОМ. Со ребалансот има и 4 милијарди денари кратења во Буџетот. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3% од БДП.

„Проектирана е дополнителна финансиска поддршка од 4,7 милијарди денари за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидност на компаниите во услови на продолжена криза на светскиот пазар на енергенси и примарни производи. Обезбедуваме заштита – бафер, за да имаме простор за брза реакција со нови мерки за заштита на граѓаните и стопанството. Предвидовме дополнителни 3,2 милијарди денари за субвенции за земјоделците, со цел стимулирање на приносите и амортизирање на ценовните притисоци на основните прехранбени производи. Исто така, предвиден е пораст на трансферите до ЕЛС за покачување на платите на вработените во градинките, како и на вработените во основните и средните училишта за 15%, почнувајќи од септември 2022 година. Пензиите се дополнително зголемени, согласно новата методологија на пресметка на пензиите. Планирани се средства за програмата за субвенционирање придонеси за поддршка на плати“, вели Бесими.

Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари или за околу 6 милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година. Сепак, оваа сума е за 8,8 милијарди денари повисока во однос на минатата година или за 16,1 милијарда денари односно двапати повисока во однос на 2020 година.

Министерот посочи дека значајни инвестициони вложувања со буџетски средства се планирани во областа на патната инфраструктура, на Коридорот 8: проширување на автопатот Тетово – Гостивар, изградба на нов автопат Требеништа – Струга – Ќафасан, изградба на делница Гостивар – Букојчани, потоа на делницата Ранковце – Крива Паланка и Крива Паланка – граница со Бугарија, а на западниот дел од патниот Коридор 8 планирана е изградба на автопатската делница Кичево – Букојчани и на делницата Кичево – Охрид. На Коридорот 10 е планирана делницата Прилеп – Битола. Дополнително, JПДП ќе изготви физибилити студија за изградба на патот Тетово – Призрен. Исто така, со средства од кредити предвидена е изградба на автопатската делница Скопје – Блаце (граница со Косово), а преку „Проектот за поврзување на локалните патишта“ предвидено е подобрување на патната инфраструктура на општините во Република Северна Македонија.

Во делот на железничката инфраструктура, планирано е финансирањето на трите фази од изградбата и рехабилитацијата на источниот дел од железничката пруга на Коридор 8, како и на изградбата на железничка пруга Кичево – граница со Албанија. Планирана е и изградба на железнички граничен премин со придружни содржини „Табановце“ помеѓу Република Северна Македонија и Република Србија.

Во областа на гасификацијата, предвидена е изградба на магистрални гасоводи делница Скопје – Тетово, Гостивар – Кичево и делница Свети Николе – Велес, изградба на интерконективен гасовод меѓу Република Северна Македонија и Република Косово, изградба на интерконективен гасовод меѓу Република Северна Македонија и Република Србија, како и изградба на интерконективен гасовод меѓу Република Северна Македонија и Република Грција.

Министерот Бесими истакна дека се предвидени повеќе крупни капитални проекти во заштитата на животната средина, како и во здравството и образованието.

Дефицитот и отплатата на надворешниот и на домашниот долг, кои се во износ од 11,8 милијарди денари, а вкупно изнесуваат 54,5 милијарди денари, ќе се финансираат преку задолжување на меѓународниот и на домашниот пазар. Со оглед на актуелните економски и надворешнополитички состојби, оваа година поголем фокус ќе биде ставен на финансирање од меѓународните пазари. Ваквата определба ќе овозможи повеќе пари од домашниот банкарски сектор да бидат искористени во македонската економија, а дополнително, преку надворешните извори за финансирање ќе се зголемат девизните резерви на државата.

Економскиот раст за годинава е проектиран на 3,2%, во линија со проекцијата на ММФ, додека стапката на инфлација во 2022 година е проектирана на 7,2%. Растот на бројот на вработени е проектиран на 1,6%, што ќе придонесе просечната стапка на вработеност да се зголеми на 47,9%, додека стапката на невработеност да се намали на 14,5%. Исто така се очекува и забрзан раст на просечната нето-плата, со проекција од 11% за 2022 година.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window