Вести|

30 мај 2022, Скопје – „Одржување на растот во време на неизвесност и потоа“ е темата на Скопје економски финансиски форум – СЕФФ, што во организација на Министерството за финансии се одржува денеска и утре во Скопје. Главен говорник првиот ден од Форумот беше истакнатиот нобеловец Пол Кругман. Конференцијата ја отвори премиерот Димитар Ковачевски, а првата панел-дискусија беше посветена на монетарните и фискалните политики.

Преку градење сојузништва и зајакнување на меѓусебната соработка, економиите во регионот на Западен Балкан можат да станат поотпорни и поконкурентни. Во услови на криза, подобрувањето на врските, соработката на крупни инфраструктурни проекти, особено во областа на енергетиката, и создавањето одржливи синџири на добавување, можат да придонесат во голема мера во амортизирањето на ефектите од кризата. Ова беше посочено во рамки на дискусијата за вториот столб – Отпорност, конкурентност и економска соработка.

Воведничари на темата беа Сузан Дангер, извршен директор на АмЧам Европа и Мајк Зафировски од групацијата Заф и Македонија 2025. На панел-дискусијата имаше повеќе претставници од стопански комори од земјава и регионот, како Драган Давитков од Ам Чам Северна Македонија, Петар Иванов од Ам Чам Бугарија, Елиас Спиртунас од Американско-грчката стопанска комора, Иван Милетиќ од Ам Чам Србија, Живко Мукаетов, извршен директор на Алкалоид, Ристо Јаневски од Стопанската комора на Северна Македонија, Трајан Ангелоски од Сојуз на стопански комори, Неби Хоџа од Економска комора на Северозападна Македонија и Анета Антова Пешева од МАСИТ. Модератор на оваа панел-дискусија беше Марјан Петрески, универзитетски професор.

За време на дискусијата беше истакната важноста од иницијативите како што е Отворен Балкан, со коишто би се олеснило движењето на работната сила, на стоките, услугите и капиталот. Преку поврзување на пазарите, компаниите од земјите можат да добијат пристап до поголем број потрошувачи и да го зголемат обемот на нивниот пласман. Исто така, олеснувањето на движењето на стоките може да придонесе до олеснување на синџирите на добавување, особено во услови на криза.

Дискутантите ја посочија и важноста од странските директни инвестиции за развојот на економиите преку внесување свеж капитал и пренесување нови технологии. Влезот на индустриски гиганти во регионот не е само од значење за земјата каде што ќе инвестираат, туку и за целиот регион, преку отворање работни места и поврзување со локални компании. Од големо значење за инвеститорите е владите да имаат солидна регулатива и конзистентни политики на кои тие ќе им веруваат.

Во однос на подобрувањето на конкурентноста, беше сумирано дека и владите и компаниите можат многу да придонесат во нејзино подобрување, особено преку дигитализацијата. Учењето и примената на новите процеси може многу да придонесе во насока на креирање поголем обем на производство, но и во насока на креирање додадена вредност.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window