Вести|

27 септември 2022, Скопје – Владата донесе одлука за издавање хартии од вредност на германскиот пазар, обврзница позната како „Namensschuldverschreibungen“, односно НСВ (NSV), во износ од 250 милиони евра. Средствата ќе се искористат за отплата на стари долгови што доспеваат како и за финансирање буџетски потреби. Министерството за финансии во континуитет ги следеше пазарите на капитал и согласно опсежните анализи, овој инструмент со својата каматна стапка и рок на доспевање е најдобрата опција за портфолиото на јавниот долг. Имено, каматната стапка изнесува 3,75% плус 6-месечен ЕУРИБОР, со рок на отплата од 3 години и 18 месеци грејс период.

НСВ е инструмент кој обично го издаваат висококвалитетни клиенти со стабилен инвестициски кредитен рејтинг, а хартиите од вредност се купени од страна на германски инвеститори. НСВ, како регистрирана хартија од вредност, досега е издадена во Република Полска, Ирска, Белгија, Кралството Шпанија. Овој финансиски инструмент го издаваат и КфВ, ИБРД и ЕИБ.

Изминатиов период се склучија неколку трансакции на меѓународниот пазар на капитал од страна на членки на ЕУ со повисок кредитен рејтинг од нашиот, каде што каматните стапки се движеа до околу 7%, со неколкукратно повисоки суми на повлекување. Ова се должи на заострувањето на условите на меѓународниот пазар на капитал, како резултат на затегнувањето на монетарната политика преку раст на каматните стапки од страна на скоро сите големи централни банки во светот, поради високата инфлација.

Почнувајќи од првиот квартал оваа година па сè до овој момент е забележан значителен пораст на цената на тргување и на секундарниот пазар на издадените евообврзници, коишто претставуваат своевиден репер за дефинирање на цената (каматната стапка) при евентуално издавање нова еврообврзница. Во моментов македонските еврообврзници се тргуваат со принос во распон од приближно 7%, што значи дека доколку Република Северна Македонија одеше со нова еврообврзница, каматната стапка би била на ниво од околу 8%.

Во вакви услови, уште повеќе доаѓа до израз потребата за водење претпазливи домашни политики, така што Министерството за финансии пристапи кон пронаоѓање друг поповолен извор на финансирање. Министерството во соработка со Дојче банка во изминатиот период, континуирано работеше на издавањето нов финансиски инструмент којшто претставува регистрирана обврзница согласно германските закони – НСВ. Со овој инструмент каматната стапка е значително пониска од онаа што би се постигнала со евентуалното издавање нова еврообврзница.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Close Search Window